
Северна Кореја ги обвини во вторникот САД дека Корејскиот полуостров го довеле до работ на нуклеарна војна, откако американските стратешки бомбардери го надлетаа оваа област во рамките на заедничките воени вежби со армијата на Јужна Кореја.
Два суперсонични бомбардера од типот „B-18 Lancer“ се распоредени во време на засилените тензии поради истрајноста на Северна Кореја на своите нуклеарни и ракетни програми, и покрај санкциите од Обединетите нации и воениот притисок од САД.
Јужнокорејското министерство за одбрана соопшти дека цел на вежбите е да се одврати Северна Кореја од нови провокации и да се подготви за можно ново нуклеарно тестирање од страна на Пјонгјанг.
Северна Кореја соопшти дека бомбардерите извеле „вежба за фрлање нуклеарни бомби врз стратешки цели“ на нејзината територија во периодот кога американскиот претседател Доналд Трамп и „другите американски подбуцнувачи на војна со сите сили сакаат да изведат превентивен удар“.
„Таа безобѕирна воена провокација го турка Корејскиот полуостров на работ од нуклеарна војна“, пренесува севернокорејската службена новинска агенција KCNA.
Трамп претходно во вторникот предупреди дека е можен „голем, голем судир“ со Северна Кореја, а Кона минатата седмица оцени дека ситуацијата на полуостровот може да излезе вон контрола.
САД во корејските води ја испратија ударната флота чиј водач е носачот на авиони на нуклеарен погон „Карл Вилсон“, а американски функционери во вторникот објавија дека противракетниот систем THAAD во Јужна Кореја е во оперативна фаза, односно може да пресретнува севернокорејски ракети.