Северна Кореја соопшти во неделата дека успешно тестирала хидрогенска бомба дизајнирана да може да се постави во нејзина интерконтинентална балистичка ракета, набрзо откако Јапонија потврди дека Пјонгјанг го извел шестиот нуклеарен тест.
Тестирањето на термонуклеарната бомба коешто го наредил севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун, било „совршено успешно“ и претставува „важен чекор“ во довршувањето на програмата за нуклеарно оружје, објавила севернокорејската државна телевизија, пренесува јужнокорејската новинска агенција Yonhap.
Севенокорејската новинска агенција KCNA наведува дека тестирањето е изведени за да се „провери и потврди точноста и веродостојноста“ на технологијата на оваа земја.
Светските новински агенции претходно повикувајќи се на јужнокорејската армија пренесоа дека Северна Кореја најверојатно го извршила шестото тестирање на нуклеарна бомба, неколку часа откако Пјонгјанг првично објави дека развил хидрогенска бомба.
Оваа објава дојде неколку часа по силниот вештачки предизвикан земјотрес недалеку од познатата локација за спроведување на нуклеарните тестови, што укажува на тоа дека Пјонгјанг ја извел својата шеста нуклеарна проба. Неколку национални геолошки заводи забележале невообичаена сеизмолошка активност недалеку од локацијата на којашто Пјонгјанг претходно ги вршеше ваквите тестирања.
Два плитки потреса ја погодиле во неделата Северна Кореја, што укажува на тоа дека извршила нуклеарна проба. Земјотресите, од кои Кина првиот го опиша како „сомнителна експлозија“, а вториот како „уривање“, се регистрирани 75 километри северозападно од Кимшаек.
Претходните треперења на почвата во овој регион беа предизвикани од нуклеарните проби, и доколку се потврди дека повторно станува збор за нуклеарно тестирање, тоа ќе претставува директен предизвик за американскиот претседател Доналд Трамп, кој неколку часа претходно телефонски разговараше со јапонскиот премиер Шинзо Абе за „ескалацијата“ на нуклеарната криза во регионот.
Првиот, посилен потрес, бил со магнитуда од 6,3 и е регистриран на длабочина од 10 километри, соопштија американските и кинеските сеизмолози. Доколку се потврди дека станува збора навистина за нуклеарен тест, тоа ќе биде најмоќното тестирање досега и ќе ги потврди тврдењата на Пјонгјанг дека направи проба на хидрогенска бомба. Осум минути подоцна следел и вториот земјотрес, со магнитуда од 4,6, со речиси идентични координати, извести Кина.
Јужнокорејската армија го зголеми степенот на приправност, јавува агенцијата Yоnhap, а Јапонија соопшти дека се регистрирани треперења на почвата предизвикани од нуклеарна експлозија.
„Откако ги проучивме податоците заклучивме дека станува збор за нуклеарни тестирања“, изјави јапонскиот министер за надворешни работи Таро Коно на брифингот кој го пренесуваше јавната телевизија NHK, а кој беше одржан по состанокот на јапонскиот Совет за национална безбедност.
Во саботата Северна Кореја соопшти дека развила уште понапредно нуклеарно вооружување кои има „голема разурнувачка моќ“, односно дека станува збор за хидрогенска бомба којашто може да се стави на новата интерконтинентална балистичка ракета. Вчера агенцијата KCNA извршил инспекција на таа хидрогенска бомба.
Силата на оваа хидрогенска бомба би можела да биде стотици килотони и таа може да се детонира на високи надморски височини, наведе KCNA. Ја пренесе, исто така, изјавата на Ким Џонг-ун кој истакнал дека „сите компоненти од хидрогенската бомба се 100 отсто од домашно производство“.