Северна Кореја објави во саботата дека на својата прва посета американскиот претседател Доналд Трамп на Азија се претставил како „разбивач“ и дека повикувал на војна на Корејскиот полуостров.
„Трамп, во текот на посетата, сосема го разоткри својот карактер на разбивач на светскиот мир и стабилност и повикуваше на нуклеарна војна на Корејскиот полуостров“, објави портпаролот на севернокорејското министерство за надворешни работи.
Трамп во средата, во текот на неговата посета на Јужна Кореја, го предупреди Пјонгјанг и ја повика „свирепата диктатура“ на Северна Кореја никогаш да не ги потценува Соединетите држави, како и никогаш да не ги доведува во искушение.
„Немојте да нé потценувате, немојте да нé доведувате во искушение. Ќе ја браниме нашата заедничка безбедност, нашиот заеднички напредок и светата слобода“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп пред јужнокорескиот парламент за што му беше возвратено со силен аплауз.
Севернокорејскиот портпарол истакна како одговор на овие предупредувања дека неговата земја ништо нема да ја одврати од натамошното развивање на програмата за нуклеарно вооружување, како и развојот на интерконтинентални балистички програми.
Трамп во говорот во Сеул ги повика сите одговорни држави да ги обединат силите, во прв ред алудирајќи на Русија и Кина.
За режимот во Пјонгјанг, американскиот претседател рече дека се трансформирал во „секта“ и дека се занимава со „експерименти во лабораторијата на историјата“, и Северна Кореја ја нарече „пекол во кој никој не заслужува да живее“.
„Наместо да им гарантира рамноправност на своите граѓани, оваа свирепа диктатура ги проценува, бележи и категоризира според произволните критериуми за верноста кон државата“, рече Трамп.
Но и без оглед на ваквите тешки обвинувања, американскиот претседател му подаде рака на севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун.
„И покрај злосторствата коишто ги сторивте против Бога и луѓето, сакаме да отвориме пат кон подобрата иднина“, рече Трамп.
Меѓународната заедница ги зголеми притисокот врз Северна Кореја откако го изведе шестиот и најсилниот досега нуклеарен тест на 3-ти септември годинава. Во октомври САД унилатерално воведоа санкции против седум лица и три тела поради она што го карактеризираат како тешко нарушување на човековите права, вклучително и присилната работа. Во септември Советот за безбедност при ОН ги зајакна веќе воведените санкции за режимот во Пјонгјанг, меѓу другото и со забрана за извоз од Северна Кореја, забрана за исплата на севернокорејските работници во странство, замрзнување на имотите и забрана за патувања на бројни функционери, како и и забрана за извоз во оваа земја на сирова нафта или нејзини деривати.