Планинар откри дека највисокиот водопад во Кина се напојува со вода од цевка

Највисокиот водопад на планината Јунтаи ја добива водата од цевка вградена во карпите, се вели во контроверзното видео снимено од еден планинар и објавено на социјалните мрежи, пренесува BBC.

Видеото собра повеќе од 70.000 „лајкови“ откако првично беше објавено во понеделникот. Управата на туристичкиот парк Јунтаи објавија дека додале „мало подобрување“ за време на сушната сезона за да го направат патувањето до водопадите вредно за посетителите.

„Она… за тоа како ги издржав сите тешкотии на патот до изворот на водопадите Јунтаи само за да ја видам цевката“, стои во описот на видеото објавено од корисникот „Фарисвов“.

Темата „изворот на водопадите Јунтаи се само некои цевки“ брзо се прошири на социјалните мрежи.

Видеата на оваа тема се прегледани повеќе од 14 милиони пати на социјалната мрежа Weibo и скоро 10 милиони пати на платформата Douyin (TikTok), што предизвика толкава врева што претставници на локалната самоуправа беа испратени во паркот за да го истражат случајот.

На управата ѝ било кажано да учат од овој инцидент и однапред да ги информираат туристите за доправката, според државната телевизија CCTV.

„Како сезонска атракција, не можам да гарантирам дека ќе бидам во својот најубав облик секогаш кога ќе дојдете да ме видите. Направив мало подобрување за време на сушното време само за да изгледам најдобро кога се среќавам со моите пријатели“, напиша управата на паркот во име на водопадот.

Водопадот во централната провинција Хенан е висок 312 метри и е дел од планинскиот геопарк Јунтаи. Таму секоја година патуваат милиони посетители, привлечени од геолошки формации стари повеќе од милијарда години.

Вработените во паркот за CCTV изјавија дека водата што ја користеле за водопадот е изворска вода, додавајќи дека тоа нема да му наштети на природниот пејзаж.

Ова не е првпат да се прави вештачки обид да се „помогне“ на познатите водопади во Кина. На водопадот Хуанггуошу, популарна туристичка дестинација во југозападната провинција Гуижоу, му се помага со пренасочување на водата од блиската брана од 2006 година за да се одржи протокот за време на сушната сезона.