Планираме изградба на нови патишта во источна и централна Македонија, најави Николоски

Имаме силни амбиции за годините што следат а тоа е да изградиме експресен пат од Куманово до Страцин, да го продолжиме експресниот пат од Кочани преку Виница до границата со Бугарија, а исто така од Гевгелија преку Струмица да се поврземе со експресен пат со границата со Бугарија кај Ново Село, најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Веќе работиме на проектирање од Куманово до Страцин со цел да го поврземе автопатот од Скопје-Куманово до Србија со овој експресен пат и целото движење од Скопје до границата со Бугарија да биде со автопат или со експресен пат. Се надевам дека и бугарската страна ќе почне да работи, видов една позитивна изјава на колегата од Бугарија, тој исто како мене е вицепремиер и министер за транспорт. Се надевам дека ќе го одржат зборот, така што почнавме проектирање, ќе бараме финансирање и очекувам најдоцна следната година да работиме и на тој дел. Имаме уште две амбиции за годиниве кои што се пред нас. Едната е ескпресниот пат од Штип до Кочани да го продолжиме на исток кон Виница и кон граница со Бугарија и втората е поврзување на двата коридори 10 и 11. Тоа е некаде над Гевгелија кај Смоквица преку Валандово – Струмица – Ново Село – граница со Бугарија, да се изгради експресен пат или автопат што многу ќе значи на луѓето од Централна и Источна Македонија да се поврзат не само со Бугарија туку и со Грција како алтернатива на вториот граничен премин, истакна вицепремиерот Николоски.