Контроверзниот предлог-закон на британскиот премиер Риши Сунак за депортирање на бегалците кои пристигнуваат со мали чамци преку Ла Манш во Руанда може да биде одложен барем до следниот месец, откако Горниот дом на парламентот ги обнови повиците за поголема заштита.
Владата сака да депортира во Руанда илјадници илегални мигранти кои пристигнуваат во Обединетото Кралство секоја година, но правните предизвици досега спречија некој да биде испратен во оваа источноафриканска земја. Шемата за Руанда е дизајнирана да ги одврати мигрантите од опасното патување преку Ла Манш и да ја разбие мрежата на шверцери на луѓе.
Законот е клучен во ветувањето на Сунак да го запре приливот на мигранти и тој се надева дека летовите за депортација ќе ја променат среќата на неговата Конзервативна партија, која многу заостанува зад Лабуристите во анкетите како што се приближуваат изборите.
Законот сега се враќа во Долниот дом на парламентот, а претстои обид да се најде заеднички јазик меѓу Долниот и Горниот дом на парламентот. Заради собраниска процедура, законот најверојатно не може да стапи во сила пред средината на април, кога за Велигден завршува паузата во работата на парламентот.
Доцнат и првите летови за депортација за Руанда, бидејќи ќе биде потребен околу еден месец за да се организираат првите летови по стапувањето на сила на законот.
Владата претрпе неуспех во својот план да испрати баратели на азил во Руанда минатата година, кога Врховниот суд на Велика Британија ја прогласи политиката незаконска, бидејќи постоеше ризик луѓето испратени таму да бидат вратени во нивната земја на потекло, со што ќе се загрози нивната безбедност.