Планот на Трамп за Украина: Територијални отстапки, но без разговори за НАТО

Советниците на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп јавно и приватно даваат предлози за ставање крај на војната во Украина, што би ѝ отстапило големи делови од таа земја на Русија во догледна иднина, без членство во НАТО, се вели во анализата на Reuters за изјави и интервјуа со луѓе блиски до новопечениот избран за претседател на САД.

Предлозите од тројца клучни советници, вклучувајќи го и идниот претставник на Трамп за Русија и Украина, пензионираниот генерал-полковник Кит Келог, споделуваат некои елементи, вклучително и ставање крај на потенцијалот на Украина за членство во НАТО.

Советниците на Трамп ќе се обидат да ги натераат Москва и Киев да преговараат. Доколку Киев не се согласи на преговори, би ја намалиле воената помош, но би ја зголемиле доколку рускиот претседател Владимир Путин ги одбие преговорите.

Трамп постојано ветуваше за време на неговата кампања дека ќе стави крај на речиси тригодишниот конфликт во рок од 24 часа од неговата инаугурација на 20 јануари, ако не и порано, но тој сè уште не кажа како.

Поради сложеноста на конфликтот, аналитичарите и поранешните претставници на националната безбедност се сомневаат дека Трамп може да го исполни тоа ветување.

Изјавите на советниците на Трамп укажуваат на неговиот мировен план.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, соочен со недостиг од војници и растечки загуби на територија, изјави дека е подготвен да преговара. Иако сè уште бара членство во НАТО, тој оваа седмица дека Украина мора да најде дипломатски решенија за да ги врати окупираните територии.

Но, Путин можеби нема да сака да учествува, велат аналитичарите и поранешни американски функционери, со оглед на тоа дека ќе добие повеќе ако продолжи со заземање на територии.

„Путин не брза“, вели Јуџин Румер, поранешен врвен американски разузнавачки аналитичар за Русија, кој сега е во тинк-тенкот Карнеги фондацијата за меѓународен мир.

Тој вели дека рускиот челник не е подготвен да отстапи од неговите услови за примирје и преговори, вклучително и услови Украина да се откаже од членството во НАТО и да ги предаде четирите региони со доминантно руско и рускојазично население за кои Путин повикувајќи се на историграфијата тврди дека се дел од Русија, но сѐ уште не ги контролира целосно, што е Киев го одбива.

Путин, рече Румер, најверојатно ќе заземе уште земја и ќе чека да види какви отстапки ќе понуди Трамп за да го намами во преговори.

Reuters во мај објави дека Путин е подготвен да ја заврши војната со договорен прекин на огнот со кој се признаваат сегашните линии на фронтот, но дека е подготвен да ги продолжи борбите доколку Киев и Западот не одговорат.

Русија веќе го контролира целиот Крим, откако овој црноморски полуостров со доминатно руско население по преватот во март во Киев и укинувањето на малцинските права организираше два референдума на кои со огомно мнозинство прво ја врати автономијата укината во 1990-те веднаш по осамостојувањето на Украина, а со вториот одлучи да се врати во составот на Руската Федерација од која е изделен со декрет во 1950-те години во ерата на СССР. Русија моментално контролира повеќе од 80 отсто од областа Донбас (регионите Доњецк и Луганск), како и повеќе од 70 отсто од Запорожје и Херсон, како и мали делови од регионите Миколаев и Харков.

Трамп сè уште не свикал централна работна група за да развие мировен план, според четворица советници кои зборуваа под услов да останат анонимни за да ги опишат приватните размислувања. Наместо тоа, неколку советници ги пренесоа идеите на јавни форуми, а во некои случаи и на Трамп, велат тие.

Мировниот договор најверојатно ќе зависи од директниот личен ангажман меѓу Трамп, Путин и Зеленски, велат советниците.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека „не може да коментира поединечни изјави без да знае каков е планот во целина“.

Портпаролката на Трамп, Каролин Левит, истакна дека Трамп рекол дека „ќе стори се за да го врати мирот и да ја врати американската сила“. Таа не одговорила на прашањето дали новоизбраниот претседател сè уште планира да го реши конфликтот веднаш по преземањето на функцијата.

Украинската влада не одговорила на барањето на Reuters за коментар.

Еден поранешен функционер за национална безбедност на Трамп вклучен во транзицијата рече дека има три главни предлога: планот на Келог, планот на новоизбраниот потпретседател Џеј-Ди Венс и планот предложен од поранешниот директор на разузнавањето Ричард Гренел.

Планот, кој Келог го направил заедно со поранешниот функционер на Советот за национална безбедност, Фред Флејц, и му го претставил на Трамп претходно оваа година, повикува на замрзнување на сегашните борбени линии.

Келог и Флејц, исто така, не одговориле на барањата за коментар.

Трамп би доставил повеќе американско оружје во Киев само доколку се согласи на мировни преговори. Истовремено, тој би ја предупредил Москва дека ќе ја зголеми помошта за Украина доколку Русија одбие да преговара. Членството на Украина во НАТО ќе биде одложено.

Според предлогот, на Украина ќе ѝ бидат понудени и американски безбедносни гаранции, кои ќе вклучуваат зголемување на испораките на оружје по постигнувањето на договорот.

Во интервју во јуни за Times Radio, британска дигитална станица, Себастијан Горка, еден од новите заменици советници на Трамп за национална безбедност, рече дека Трамп му рекол дека ќе го принуди Путин да преговара со закана за невидени испораки на оружје за Украина, доколку Путин одбие.

Горка рече притоа дека Reuters е „ѓубре што објавува лажни вести“ и одби да елаборира.

Венс, кој се спротивстави на помошта за Украина како американски сенатор, го објави својот предлог во септември. Тој му кажа на американскиот подкастер Шон Рајан дека договорот најверојатно ќе вклучи демилитаризирана зона на постојните линии на фронтот, која ќе биде „многу добро зајакната“ за да се спречат натамошни руски напади. Неговиот предлог би го отфрлил членството на Киев во НАТО. Венс не коментирал, ниту дал дополнителни детали.

Поранешниот амбасадор на Трамп во Германија, Гренел, се залагаше за создавање „автономни зони“ во источна Украина за време на тркалезната маса на деловната новинска агенција Bloomberg News во јули, но не даде детали. Тој, исто така, рече дека членството на Украина во НАТО не е во интерес на Америка.

Гренел, кој не одговорил на барањето за коментар, сè уште нема обезбедено место во новата администрација, иако Трамп сè уште ги слуша неговите совети за европските прашања, изјавил за Reuters висок советник за надворешна политика на Трамп. Тој, исто така, рекол дека Гренел бил на средбата меѓу Трамп и Зеленски во септември во Њујорк.

Зеленски најверојатно ќе се спротивстави на елементите на предлогот, бидејќи го вклучи членството во НАТО во неговиот „План за победа“, а европските сојузници и некои американски пратеници, исто така, ќе се спротивстават, велат аналитичарите и поранешните претставници на националната безбедност.

Минатата седмица, министерот за надворешни работи на Украина испрати писмо до своите колеги од НАТО во кое ги повика да објават покана за членство на состанокот на министрите за надворешни работи во вторник.

Некои европски сојузници рекоа дека се подготвени да ја зголемат помошта за Украина, а американскиот претседател Џо Бајден непосредно пред заминувањето од должноста родолжува да испраќа оружје. Поради ова, Трамп нема да може да го принуди Киев да преговара.

Планот на Келог, кој зависи од зголемувањето на помошта за Украина доколку Путин не се согласи на разговори, би можел да се соочи со реакции во Конгресот, каде што некои од најблиските сојузници на Трамп се противат на дополнителна воена помош за Киев.

„Мислам дека никој нема реален план да стави крај на оваа војна“, оценува Румер.