Хамас го проучува плнот во три фази за прекин на огнот во Појасот Газа кој би обезбедил ослободување на повеќето израелски заложници, но сè уште не го обврзува Израел да ја прекине војната против палестинската милитантна група, според извори запознаени со предлогот.
Одржливоста на планот формулиран од шефовите на американските, израелските и египетските тајни служби и катарскиот премиер зависи од тоа дали Хамас, кој владее со енклавата Појасот Газа, ќе се согласи со првата фаза без да се согласи на траен прекин на огнот, што досега беше клучното барање на милитантната група.
„Не знаеме и не можеме да предвидиме каков ќе биде одговорот на Хамас“, изјави во понеделникот шеикот Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани, премиерот на Катар.
Од Хамас во вторникот за Reuters изјавиле дека предлогот ќе биде спроведен во три фази, вклучително и ослободување на заложниците кои ги држи групата во енклавата и палестинските затвореници во Израел. Во писмената изјава Хамас потврдува некои од поединостите од рамката дадена на Reuters од два извора запознаени со предлогот.
Мажите, децата, постарите и ранетите ќе бидат ослободени во првата фаза, се вели во соопштението, а планот е испратен во Газа за да се добие мислење од лидерите на Хамас. Потоа, водството на Хамас ќе се состане за да разговара за документот и да го изрази своето конечно мислење за него“, се вели во соопштението.
Повеќе од 100 израелски заложници сѐ уште се затворени во Газа. Сличен број заложници беа ослободени за време на претходниот прекин на огнот во ноември, кога беа ослободени десетици палестински затвореници.
Планот за прекин на огнот е предмет на дискусија од крајот на декември.
Египетски извори рекле дека Катар, Египет и Јордан ќе гарантираат дека Хамас се придржува до каков и да е договор, додека САД и Франција ќе го сторат истото за Израел. Reuters не можел да утврди какви гаранции би можеле да понудат гарантите.
Израелските власти не одговориле веднаш на барањето на Reuters за коментар.
Шефот на Хамас, Исмаил Ханијa, кој вели дека групата е отворена за какви и да се идеи што водат кон прекин на израелската офанзива во Газа, во вторникот најави дека ќе ја посети египетската пресолнина Каиро за да разговара за планот.