Платформата за родова еднаквост ќе упати барања до ОЈО за случајот „Јавна соба“

Платформата за родова еднаквост, мрежа од здруженија кои работат на унапредување на родовата еднаквост и организаторки на протестите за случајот „Јавна соба“ денеска ќе одржат прес-конференција пред Јавното обвинителство на тема „Што прави ОЈО?“.

– Бидејќи сѐ уште чекаме надлежните институции да преземат конкретни мерки за санкционирање на сите сторители во случајот „Јавна соба“, на прес-конференцијата ќе упатиме конкретни барања до Јавното обвинителство со рок за исполнување. Сметаме на вашето присуство, со цел да ни помогнете во заложбите за ефикасна заштита на жртвите од родово засновано насилство, се наведува во најавата на прес-конференцијата.

Платформата за родова еднаквост на 3 февруари одржа протестен марш на кој побараа соодветни казни за администраторите на групата „Јавна соба“, како и сите членови кои праќале и се уште праќаат фотографии и пишуваат лични податоци на девојки и жени.

Исто така, од Јавното обвинителство се бараше неодложно и темелно да го расчисти случајот „Јавна соба“, што претставува кривично дело во кое голем број жени се жртви на родово засновано насилство.

Организаторите инсистираа сексуалното вознемирување преку интернет посебно да се регулира и во Кривичниот законик и да се даде соодветна грижа за жртвите од надлежните институции.