Платите на наставниците и професорите се зголемуваат за 5 отсто, до крајот на мандатот ќе пораснат за 46 отсто, вети Мицкоски

-За мене е исклучително важно ова што го соопшти претходниот говорник дека после неколку неделни преговори и анализи, но и врз основа на она што го имаме како информација како се полни буџетот и што и како проектираме за годините кои што следат, сакавме да постигнеме договор кој ќе биде долгорочен, да не треба сега секоја година или секој месец повторно и повторно во јавноста да се препелкаме, па да има кризи, па да има закани, штрајкови и слично. Затоа беше многу важно ова што го постигнавме како договор, јас сум исклучително задоволен. Заедно и со Министерството за образование и со Министерството за финансии, јас бев во овие преговори, разговори со Синдикатот на образованието, науката и културата, СОНК. Мислам дека се постигна договор кој е историски во насока на подобрување на финансиската состојба на самите наставници и професори во основното и средното образование, изјави премиерот Христијан Мицкоски по средбата со СОНК.

-Што е она коешто е делумно договорено, спомна и претседателот на СОНК, а тоа е дека од октомвриската плата практично која што ќе биде исплатена во ноември, па се до февруарската плата во март 2025 година, ќе имаме покачување од 5% на платите, потоа во март 2025 година ќе има покачување од 7%, а во март 2026 година во зависност од состојбата на Буџетот ќе има покачување меѓу 7 ипол и 10%, рече Мицкоски.

-Во март 2028 година би требало да имаме меѓу 10 и 12 ипол % покачување на платата, што би значело во овој дијапазон за кој сега зборуваме во март 2028та наставниците и професорите во основното и средното образование да зимаат отприлика минимум 46% повисока плата од таа која ја земаат денеска, а може и повеќе, во зависност од тоа која скала ќе биде применета, а тоа ќе зависи од приходната страна на самиот Буџет. Исто така се договоривме најдоцна до февруари месец Колективниот договор да биде завршен, потпишан и да имаме една јасна основа како понатаму ќе можеме да се развиваме и кои ќе бидат коефициентите на сложеност на работните места, додаде Мицкоски.

Дополни дека, Министерството за финансии планира ако биде се како што треба до крајот на оваа година да почне примената и на Е-фактура. Тука се очекуваме дополнително намалување на сивата економија, односно зголемување на приходите. Заклучно со септември, значи јули, август и септември месец, има околу 85 милијарди приходи. Претходните 6 месеци односно првата половина е некаде околу 125 милијарди приход, што значи дека многу повеќе има кога се работи домаќински и се знае како се случуваат приходите во државната каса.