Платите на наставниците од овој месец поголеми за 15 отсто

-Платите на наставниците и на другите вработени во основните и во средните училишта продолжуваат да се зголемуваат. Како резултат на заложбата за создавање квалитетно образование кое се темели на мотивирани наставници, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, Јаким Неделков потпишаа спогодба која предвидува зголемување на платите на вработените во основните и средните училишта за 15%, почнувајќи од тековниот месец септември, соопштија од Министерството за образование и наука.
„Практично во период од само една година, платите на наставниците се зголемени во три наврати, односно кумулативно за над 35%. Ова е само потврда дека навистина имаме намера да го вратиме дигнитетот и достоинството на наставниците кое го заслужуваат во општеството, затоа што се најважната алка во воспитно – образовниот процес од која зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат и без која ниту една реформа не може да успее“, рече Шаќири.
Споррд Неделков, само со мотивирани наставници може да градиме добра иднина за државата. Тој истакна дека како синдикат, ќе продолжат да се заложуваат за подобрување на правата и можностите на просветните работници и во иднина, а очекува наскоро да се постигне согласност за измени во колективниот договор со кои уште повеќе ќе се стимулира работата на оние кои директно ги пренесуваат знаењата на учениците.
Освен покачувањето на платите, во меѓувреме продолжуваат и континуираните обуки на наставниците, како единствен начин постојано да јакнат нивните професионални компетенции, отворајќи им можности за кариерен развој во звања ментор и советник. Во период од 3 години, во звање ментор, напредуваа 250 наставници од основните училишта кои се носители на промените што се случуваат за поквалитетна настава.
Владата и Министерството за образование и наука обезбедуваат системска поддршка за наставниците. Работиме на достоинствено вреднување на нивниот труд и посветеност. Тие се ценети и почитувани за важната работа што ја работат – вложувањето во воспитувањето и образованието на децата кои се иднината на оваа држава.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.