Платите во јавниот сектор ќе се зголемат со идниот буџет

Можеби не во ребалансот на овој буџет, затоа што буџетот е во катастрофална состојба, но во рамки на средствата предвидени за идниот буџет, се надевам ќе дојдеме до некое компромисно решение заедно со синдикатите, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев во врска со зголемување на платите во јавниот сектор на што инсистираат синдикатите.

Министерот рече дека имал состаноци со повеќе синдикати за прашањето за повисоки плати што, рече, „нормално ги засега синдикатите“.

-Во постоечкото законско решение предвидена е една процентуална надокнада така да кажам, односно зголемување на платите. Ние во следниот предлог ќе отвориме дебата во која тоа ќе биде едно од главните прашања. Се надевам, можеби не во ребалансот на овој буџет, затоа што буџетот е во катастрофална состојба, но заедно со синдикатите, во рамки на средствата предвидени за идниот буџет, ќе дојдеме до некое компромисно решение. Не би можел во овој момент да шпекулирам, кога сме на почетокот на дебатата, но секако ќе имаме можности да разговараме, да нудиме наши решенија, синдикатите да нудат нивни решенија и ако го отвориме овој дијалог, впрочем тоа е и целта –да најдеме некое заедничко решение – изјави Минчев по отворањето на првата од серијата дебати за реформи на јавната администрација.

Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) бара владата да предвиди во буџетот раст на платите. Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов пред почетокот на дебатата изјави дека на настанот очекува министрите да потврдат дека ќе има усогласување на платите од септември, но и годишно зголемување на платите од 15%, согласно колективниот договор за јавен сектор.

-Платите во јавниот сектор ќе растат по 15 проценти годишно во текот на наредните четири години и новата Влада треба да предвиди пари во буџетот, без изговори. Очекуваме зајакнување на капацитетите, да престане злоупотребата на вработените во јавниот сектор и да не се вработуваат партиски кадри. Во овој случај ќе ја имаат нашата поддршка- рече Трендафилов.

За разликите што постојат во платите на вработените во различни министерства и јавни институции, заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во излагањето на дебатата рече дека има различни одговорности од министерство до министерство и најави дека ќе се прави сеопфатна анализа на платите за, како што рече, прво да се идентификуваат разликите и неправилностите. Очекува дека низ „суштествен дијалог со синдикатите“ ќе се надминат голем дел од разликите.

– Оваа анализа треба да ги вклучува квалификациите, одговорностите и сложеноста на самите работни места. Понатаму треба да се воведе унифициран систем за пресметка на платите, кои ќе ги земе предвид разликите во одговорностите и сложеноста на работните места во различни дејности. Преговори и воспоставување конструктивен дијалог со синдикатите и вработените, за да се постигне договор за праведна распределба на сумата на платите. Ова ќе вклучува и преговори за специфични додатоци и бенефици кои ќе ги одразуваат особеностите на различните дејности – рече Јанкуловски.