Во услови на пандемија, лани државната компанија МЕПСО ги зголемила платите на вработените за 17% и си поделила високи бонуси за регрес. За прв пат во последните 10 години, компанијата за пренос на електричена енергија прикажи загуба од 5,8 милиони евра, покажува финансискиот извештај за 2020 та година. Но, тоа не ги спречило да ги зголемат платите на 657 те вработени, чиј просек сега достига 60.649 денари бруто плата по вработен. Компанијата поделила и 327 илјади евра за К 15, што значи во просек секој добил по 500 евра бонус за годишен одмор. Зошто се одлучиле на пораст на платите, во време на пандемија, кога МЕПСО бележи загуби, одговор не добивме. Во Извештајот пишува дека зголемувањето се должи поради флуктуација на вработените, зголемениот број вработени, или според извештајот плус 4 лица, повисоката квалификациона структура и законот за исплата на плати. Пари имало и за одење во пензија, за награди, бенефициран стаж, новороденче, болест. Вкупно за оваа намена, МЕПСО платил 600 илјади евра, од кои најголем дел се за регрес на годишен одмор.
Високи надоместоци добивале и членовите на Управниот и Надзорен одбор.
Во просек, еден член на УО месечно земал по 1,800 евра , како и дополнителни 26,500 денари годишно регрес за одмор. Членовите на надзорен одбор пак, кои се вработени во МЕПСО, покрај основната плата земаат и по 10,000 денари, а добиваат и службен телефон. За оние членови пак се вработени и во други фирми, надоместокот е повисок и истиот во просек изнесува околу 800 евра месечно.