Пленковиќ ги објави имињата на министрите во новата хрватска Влада

31

Актуелниот и иден премиер на Хрватска, Андреј Пленковиќ, денеска го објави составот на новиот кабинет, во кој ќе има 16 министри и четворица потпретседатели.

Вицепремиери се Томо Медвед, Давор Божиновиќ, Здравко Мариќ и Борис Милошевиќ од СДСС, во име на малцинските партии.

-Сите добија апсолутна поддршка, им кажа Пленковиќ на новинарите по состанокот на врвот на ХДЗ. Медвед, Божиновиќ и Мариќ остануваат на своите стари позиции, задржувајќи ги министерствата за бранители, за внатрешни работи и за финансии. Гордан Грлих Радман останува на чело на Министерството за надворешни работи, Вили Берош за здравство и Олег Бутковиќ за море, сообраќај и инфраструктура, јавуваат хрватските медиуми.

Никола Брњац е новиот министер за туризам и спорт, Наташа Трамишак е шефица на Министерството за регионален развој и фондови на Европската унија, а Радован Фух е нов министер за наука и образование.

Министерството за економија и одржлив развој му е доделено на Томислав Ѓориќ, градежништво, физичко планирање и државна сопственост на Дарко Хорват.

Министер за одбрана во новата влада е Марио Баножиќ, за администрација и правда Иван Маленица, за труд и пензиски систем, семејна и социјална политика Јосип Аладировиќ, за култура и медиуми Нина Обуљен Корџинек, додека со Министерството за земјоделство ќе раководи Марија Вучковиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.