Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изрази жалење поради, како што рече, претераната реакција од БиХ поради погрешно пренесената изјава на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ.
Хрватските медиуми пренесоа дека таа во Израел рекла дека БиХ е „многу нестабилна земја и дека на одреден начин ја презеле луѓе кои се поврзани со Иран и терористички организации“, по што следуваше демант од хрватската претседателка, но и беше повлечен тој дел од текстот објавен во „Ерусалим Пост“.
– Нашата политика кон БиХ е да развиваме добрососедски односи и партнерска соработка, рече Пленковиќ на владината седница и дополни дека му е жал за погрешно пренесената вест.
Тој истакна дека е важно Хрватска и БиХ да бидат внимателни во комуникацијата, меѓусебно да се почитуваат и да ги решаваат отворените прашања. – БиХ е наша соседна и блиска земја и поради тоа му е жал поради ваквите жестоки реакции, истакна тој.