Пленковиќ: Победата на ВМРО-ДПМНЕ е чиста како солза

Хрватскиот пратеник во Европскиот парламент, Андреј Пленковиќ, денеска упати критики кон опозициската СДСМ, откако Централниот одбор на оваа партија, синоќа одлучи да ги врати 34-те освоени пратенички мандати на неделните парламентарни избори.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Пленковиќ, кој како пратеник на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) е дел од Европските народни партии и еден од највлијателните во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европарламентот, ја предупреди партијата на Зоран Заев дека “не се сите наивни”.

– Непризнавањето на резултатите на последните парламентарни избори во Македонија, но дури откако учествуваа на нив, најавата за враќање на мандатите, а без ниту една пријава до Државната изборна комисија, се чини е потег со кој Социјал-демократите сакаат сите околу себе да ги направат наивни. Зарем мислат дека македонскиот народ, но и ние во Европската унија, така лесно ќе го проголтаме она што се обидуваат да ни го сервираат? Зарем СДСМ мисли дека сите сме наивни, запрашува хрватскиот европратеник.

Според Пленковиќ, тој како дел од АФЕТ на Европскиот парламент, но и поголемиот дел од европратениците, допрва ќе влезат во жестока борба и ќе вложат максимални напори за Република Македонија да ги започне преговорите за членство во Европската унија. Тој смета дека сега е време да се вложи силна динамика за брз почеток на пристапните преговори, што пет години по ред за земјата ги препорачува и Европската комисија.

Пленковиќ вели дека иако потезите на СДСМ ќе и дадат „ветар во едрата“ на грчката анти-македонска политика, сепак, тој ветува дека Европарламентот ќе остане зад напорите на Македонија за членство во ЕУ.

– Победата на парламентарните избори на ВМРО-ДПМНЕ, како и на нивниот кандидат Ѓорге Иванов на претседателските избори, е чиста како солза. Тоа го покажуваат и извештаите на меѓународните монитори, кои имаат ситни забелешки. Токму затоа, Хрватска, но и ред други земји од Унијата и го честитаа и се уште го честитаат триумфот на премиерот Никола Груевски. Тој одлично ја води својата земја, а народот низа години наназад тоа го препознава и му го признава, дециден е Пленковиќ.

Реакцијата на хрватскиот европратеник е една од низата што од европскиот законодавен дом деновиве доаѓаат од Брисел. Претходно Давор Иво Штиер, Милан Звер и други европратеници, исто така, го осудија потегот на СДСМ и му ја честитаа победата на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.