Бугарскиот град Пловдив и италијанскиот град Матера се прогласени за овогодинешни Европски престолнини на културата, соопштија од Европскиот парламент.

Во  соопштението се вели дека станува збор за градови со богато историско наследство, свртени кон иднината, објавува бугарската агенција БТА.

Пловдив е првиот бугарски град кој ја освои титулата Европска престолнина на културата. Овој град, со своите 345 илјади жители е вториот по големина град во Бугарија.

  • По преземањето на претседавањето со Советот на ЕУ (од јануари до јуни 2018 година), Пловдив 2019 е следниот голем и значаен настан за Бугарија, рече бугарскиот пратеник Андреј Ковачев.

Кога станува збор за Матера, тоа е град од 60.000 жители на југот на Италија, кој е познат по древните пештерски населби на Саси ди Матера, кои се дел од списокот на светско наследство на УНЕСКО.

Италијанскиот европратеник Пјерникола Педичини смета дека титулата Европска престолнина на културата на Матера ќе и даде можност на светот да ги покаже своите знаменитости.