Тетовска Шкендија ќе игра во Европа после освоениот бод во скоро двоипол часовното жесшко дерби со Шкупи кое заврши без голови.
Срамното дерби со безброј прекини, кое имаше предигра со нападот врз фудбалерите на Шкупи пред стадионот, продолжи со дивеење на гледачите пред стартот на вториот дел кога Артид Иљази беше погоден со камен во глава, па домашните навивачи со пиротехника направија нов прекин само што почна вториот дел, за да продолжи хаосот со прекин зашто помошникот беше удрен со тврд предмет, а да заврши со меѓусебна тепачка на фудбалерите на двата тима.
И фудбалот падна во сенка, а Шкендија пред крајот кога сите повеќе чекаа само за да заврши мечот, Љупчо Дориев промаши пенал, па тетовци и со бод дојдоа до недостижните плус три на коло до крајот во однос на Македонија ЃП и поради меѓусебниот подобар дуел во однос на „лавовите“ ја обезбедија Европа без оглед дали во завршните 90 минути, ѓорчепетровци би се израмните бодовно со нив.
Шкендија како и Академија Пандев ќе играат летоска во квалификациите во Конференциската лига, а тетовци според својот рејтинг би требало да бидат носители.
Во претпоследното коло од Првата македонска лига составот на Академија Пандев триумфираше во Струмица над Работнички со 2:1.
„Пандевци“ на својот стадион „Младост“ водеа по првото полувреме со голот на Маронг во 33 и Велиновски во 44 минута.
„Романтичарите“ успеаја во вториот дел само да го ублажат поразот во 50 минута кога стрелаше Станковски. Брегалница славеше минимално со 1:0 против Тиквеш, а единствениот погодок за штипјани беше дело на Ѓокиќ во 42 минута.
Македонија ЃП дома загуби од Струга Трим Лум со 1:3, стружани стекнаа предност уште во деветтата минута со голот на Босанчиќ. Истиот играч ја зголеми предност во 21 минута, следуваше уште еден гол на гостите во 56 минута, овојпат стрелец беше Шабани. А пет минути подоцна ѓорчепетровци го реализираа единствениот гол на мечот преку Воша.
Пелистер по подолг период дојде до нова победа, битолчани водеа со головите на Здравевски и Љамчевски, а велешани само намалија преку Николовски. Ренова беше подобра од Скопје (2:0), а бодовите ги обезбедија Борја во 64 и Јусуфи во 85 минута.