По 110 години баскиско финале во шпанскиот Куп на кралот

Јури Берчиче, Атлетик Билбао

Фудбалерите на Атлетик Билбао се пласираа во финалето од годинешниот Шпански куп, иако во возвратниот полуфинален дуел загбуја на гостувањето кај Гранада со 1:2, но бидејќи во првиот меч на домашен терен победија со 1:0 минаа натаму поради гол постигнат на гости.

Гранада беше на прагот на успехот откако поведе со 2:0 со головите на Карлос Фернандез во 48 и Герман Санчез во 76 минута, и во тој момент беа во само второто финале во Купот на кралот во клупската историја. Меѓутоа, во 81 минута Јури Берчиче погоди за гостите и ги одведе во финалето.

Атлетик Билбао досега 23 пати го освојувал Копа дел реи, но последниот трофеј го освои уште во далечната 1984 година. Потоа играа во уште четири финални меча, последниот пат во 2015 година, но беа поразувани.

Противник на Атлетик во финалето на 18-ти април во Севилја ќе му биде регионалниот ривал Реал Сосиедад, кој во полуфиналето го елимираше второлигашот Мирандес, победувајќи и во двата меча, со 1:0 и со 2:1.

Реал Сосеидад досега во седумте финални меча славел само двапати, во 1909 и во 1987 година, а последното финале го играше во 1988 година.

Двата најсилни баскиски клуба досега само еднаш се сретнале во Купот, и тоа пред 110 години кога со 1:0 поуспешен бил Атлетик.