![slavko curuvija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/06/slavko-curuvija.jpg?resize=640%2C425&ssl=1)
После цели 16 години, пред Специјалниот суд во Белград ќе почне судењето за убиството на Славко Чурувија, уредник и сопственик на весниците “Дневен Телеграф”, “Неделен Телеграф” и “Европјанин”, кој на Велигден 1999 година беше убиен пред својот дом.
За овој злочин му се суди на Радомир Марковиќ, поранешен началник во Ресорот за Државна безбедност кој служи затворска казна од 40 години поради политички убиства, како и на бившите службеници во Државната безбедност – Милан Радојниќ, Ратко Ромиќ и Милан Курак, кој е во бегство и за него Интерпол има распишано потерница.
Исчекор во решавањето на овој случај беше сведочењето пред две години на Милорад Улемек – Легија, кој е осуден на максимална затворска казна од 40 години поради убиството на српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ. Тој во својот исказ им укажал на надлежните органи за вмешаноста на горенаведените службеници од Државната безбедност.
Вукашин Обрадовиќ, претседател на Независното новинарско здружение на Србија, предупреди дека во овој процес не треба да се застане само на казнувањето на обвинетите, туку да се објават со име и презиме нарачателите на убиството.
“Во овој момент е навистина тешко да се прогнозира дали ќе успееме во тоа. Иако сите траги упатуваат кон Мирјана Марковиќ, сопруга на Слободан Милошевиќ, мислам дека во судскиот процес ќе биде многу тешко да се докаже нејзината поврзаност со убиството. Единствена шанса е да проговорат Радомир Марковиќ и Милорад Улемек и да ја изненадат јавноста со некои нови сознанија”, изјави Обрадовиќ.