Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска присуствуваше на традиционалното сечење на бадникови гранчиња, кое се одржа во месноста Говрлевска Краста, на јужните падини на Водно.
На овој чин присуствуваа кумот за овогодинешната прослава, Методија Стефановски – Тоде, овогодинешниот здравичар, примариус доктор Владимир Плавевски, минатогодишниот кум Даниел Воиновски, повеќе поранешни кумови и здравичари, свештени лица од МПЦ, како и градоначалникот на општина Сопиште, Стефче Трпковски.
Кумот и здравичарот се осврнаа на значењето на овој чин, симболиката на бадниковото гранче и истакнаа дека оваа традиција, која е од исклучителна важност, треба да се пренесе на идните генерации.
„Бадниковото гранче е симбол на среќата, сонцето и животот. На сите граѓани на Скопје сакам да им ги честитам новогодишните и божиќните празници и да им посакам здравје, среќа и успех. Градот Скопје традиционално го поддржува и помага овој настан и истото ќе го прави и во иднина“, кажа градоначалникот Трајановски.
Исечените бадникови гранчиња подоцна ќе бидат осветени и истите ќе бидат поделени на граѓаните на централното празнување на Бадник, на 6 јануари 2014 година, пред Соборниот храм.
Кумот за Бадник 2014 со пајтон ќе замине со преодниот Ќуп, откако ќе прими благослов од поглаварот на МПЦ, Г.Г.Стефан.
Оваа прослава традиционално се одржува по 22-ти пат и истата е во организација на Здружението за традиционална прослава на Бадник.