По 37 години британскиот Парламент ќе има седница в сабота

Британскиот Парламент одлучи в сабота да одржи седница на кои пратениците ќе гласаат за новиот договор за брегзит.

Пратениците денеска гласаа за одржување на седница в сабота, што ќе биде прва одржана од 1982 година, за време на Фокландската војна на Велика Британија против Аргентина.
Велика Британија и Европска Унија денеска постигнаа нов договор за брегзит, што премиерот Борис Џонсон го оцени како „одличен“.

Се очекува Џонсон да има потешкотии при гласањето на договорот во Парламентот бидејќи против се северноирската Демократска унионистичка партија, која ја поддржува малцинската Влада, како и опозициските партии Лабуристички партија, Либералните демократи, Брегзит партијата и Шкотската национална партија.

Претходниот договор за брегзит со Брисел, што беше договорен од поранешната британска премиерка Тереза Меј, Парламентот трипати го отфрли. Ако новиот договор за брегзит не го изгласаат пратениците Џонсон ќе мора да бара ново одлагање на излегувањето на Велика Британија од ЕУ.

Претседателот на Европска комисија Жан-Клод Јункер денеска во Брисел по постигнувањето договор за брегзит ја исклучи можноста од какво било пролонгирање.