Учесниците на маршот ја минаа вообичаената маршрута, од Владата до Собранието на РМ.
И официјално денешниот обид на шверцерски начин да се избере претседател на Собранието не им успеа. Не им успеа и нема да им успее. Ова е голема победа за сите нас. По 39 дена решија да видат дали сме сериозни. Ако сакаат да не тестираат, да им кажеме дека имаме волја, енергија и дека ќе останеме тука и ќе правиме се што треба за да си ја одбраниме државата, рече Богдан Илиевски, член на Иницијативата.
Според него, формулата за победа е лесна, час и половина во денот посветени на Македонија. – Ако не беше граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, досега ќе избереа претседател на Собранието, ќе направеа инцидент. И власта ќе ја земеа оние кои од Македонија сакаат да направат бинационална држава, посочи Илиевски.
Борис Дамовски дополни дека трпението на народот е огромно. – Со мир браниме мир, но знаеме и поинаку. Секој од нас е подготвен да ја брани Македонија. Стотици илјади луѓе се готови да ја земат правдата и да ја донесат конечно во Македонија, истакна Дамовски и додаде дека сите го знаат излезот од оваа криза, а тоа е, рече, спроведување попис и избори.
Милан Ристевски нагласи дека сите сакаат да живеат во унитарна, заедничка држава, без да наметнува никој ништо. – Не ми е разбирливо некој да сака толку многу да го силува македонскиот народ, освен потребата да задоволи некои сценарија. Не ми е гајле дали е платформа од Вашингтон или од некое село, таа е антимакедонска и ништо повеќе, рече докторот Милан Ристевски.
Мирни протести на иницијативата „За заедничка Македонија“ се одржуваат во повеќе градови низ државата.