Денеска почнува новата учебна 2021/2022 година. По 52 недели учениците во Македонија се враќаат со физичко присуство во училиштата. Поради пандемијата со ковид-19 училиштата се затворија на 11 март 2020 година.
Новата учебна година почнува со задолжителни маски, мерење температура при влезот во училиштата и со дезинфекција на рацете. Вчера ледот го скршија првачињата, кои присуствуваа на првиот училиштен час, а пред училишните врати, според сите протоколи и почитување на мерките против Ковид-19, беа пречекани од нивните наставници.
Ослободени од физичка настава може да бидат ученици со ретки болести или попречености, деца од семејства со хронични болести, по барање од родителите, како и од други немедицински причини, а дозвола ќе даде училиштето.
Учебната година со физичко присуство не започнува само за учениците од Тетово и Гостивар, кои првите две недели наставата ќе ја следат онлајн. Владата синоќа го прифати барањето и на кризните штабови во Струга и Кичево и одлучи и таму наставата да започне онлајн во првите 7 дена.
Лани, почетокот на учебната година доцнеше еден месец, почна на 1 октомври, а настава со физичко присуство посетуваа учениците од прво до трето одделение, како и во некои места кои ги исполнуваа условите за настава по протокол.
-Верувам дека моделот за настава кој ќе го применуваме од денес, со физичко присуство за сите ученици со точно утврдени ситуации и случаи кои можат да бидат исклучок, ќе биде одржлив и нема да дозволиме училиштата да бидат места за трансмисија на заразата, како што не дозволивме ниту минатата година кога работеа со 40% од вкупниот број на ученици, што посетуваа настава во училница, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера повторно апелираше дека е многу важно за децата и учениците да се вратат во учичиште, бидејќи повторно одлагање на учебната година или учење онлајн е на нивна штета.
-Доколку се влошува состојбата или вирусот почне да се шири во училиштата, подготвени се алтернативни решенија. Во тој случај, здравјето на децата нема да биде доведено во прашање, рече Филипче.
Филипче апелира да се вакцинираат родителите на децата кои посетуваат настава заради намалување на ризикот од зараза и компликации.