По 62. пат вечерва отворена манифестацијата Охридско лето

Во Охрид вечерва по 62 пат се означи почетокот на традиционалната културно уметничка манифестација Охридско лето. Претседателот Стево Пендаровски го отвори 62. издание на „Охридско лето“. Тој имаше свое обраќање, по што беше кренато знамето и запален фестивалскиот оган.

„Сведоци сме на непочитување на човековите права и слободи, тектонско изместување на вредностите, на војни. Стануваме имуни на туѓото страдање, а исчезнува грижата. Од уметност на живеење, дојдовме до уметност на преживување. Што е она што повторно може да го облагороди животот, да го врати значењето на етиката? Одговорот го знаат уметниците и што друго, ако не креативното и убавото. Уметничката прегратка, додека трае, попречува секаков поглед на бедата на светот“, порача меѓудругото претседателот Пендаровски.

Годинешното Охридско лето ќе биде незаборавно, според организаторите, ќе има низа настани кои ќе траат до 20 август, а на кои свои перформанси ќе имаат врвни уметници од земјава и од странство.

Љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во 36 концерти, девет театарски претстави и шест настани во дополнителната програма. Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, Центарот за култура и во црквата „Света Софија“, ќе бидат пречекани над 1.000 уметници од 25 земји.