
Хадер Аднан, 45-годишен член на палестинската милитантна група Исламски џихад, обвинет од Израел за тероризам, почина во вторникот по 87 дена штрајк со глад, соопштија затворските власти.
Израел соопшти дека „Аднан одбил да се подложи на медицински тестови и да добие медицински третман“ и дека бил „пронајден во несвест во својата ќелија“ рано наутро во вторникот. Израелските затворски власти соопштија дека тој бил однесен во болница по неуспешните напори за реанимација и бил прогласен за мртов.
Адвокатот на Аднан ги обвини израелските власти за медицинска негрижа.
„Триесет ишест дена по неговото апсење, побаравме тој да биде префрлен во цивилна болница каде што ќе може соодветно да се следи. За несреќа, тоа барање наиде на непопиустливост и одбивање од страна на израелските затворски власти“, изјавил во телтефонски разговор за Reuters адвокатот Џамил ал-Хатиб.
Набргу по објавувањето на смртта на Аднан, на границата на Израел со Газа се огласија сирените за тревога, а жителите избегаа во засолништата.
Израелската војска соопшти дека три ракети биле истрелани од Појасот Газа кон израелска територија, но дека тие паднале на отворени области.
„Нашата борба продолжува и непријателот уште еднаш ќе сфати дека неговите злосторства нема да останат без одговор. Отпорот ќе продолжи со сета своја сила и одлучност“, се вели во соопштението на палестинскиот исламски џихад.
Аднан, по потекло од окупираниот град Џенин, беше добро позната личност на Исламскиот џихад на Западниот брег (од реката Јордан), палестинска енклава која меѓународната заедница ја смета за окупирана палестинска територија од страна на Израел во ткн Шестдневан војна во 1967 година.
Како и исламистичкиот Хамас, Исламскиот џихад се противи на мировните договори меѓу Палестинците и Израел и се залага за уништување на Израел.
Според Здружението на палестински затвореници, Аднан бил приведен 12 пати од израелските власти. Минал околу осум години во затвор, главно во административен притвор. Израел го обвини Аднан за поддршка на тероризмот, здружување со терористичка група и поттикнување бунт. Во притвор, тој штрајкува со глад најмалку пет пати од 2004 година.