По Белорусија почнува фудбалската сезона и во Таџикистан

Додека поголемиот дел од светот ги суспендираше сите спортски натпреварувања, фудбалски натпревари се одржуваат само во неколку земји на планетата – во Белорусија, Никарагва и Бурунди, а од овој викенд ќе започне и првенството во Таџикистан.

Клубовите во оваа центаралноазиска земја со 9 милиони жители, главно се непознати за пошироката спортска заедница, дури и за најголемите познавачи на фудбалската игра. Меѓутоа, челниците на фудбалската асоцијација на Таџикистан сега гледаат можност да ја популаризираат националната лига.

Белорускиот фудбалски сојуз, имено, веќе склучи понуди со спортски телевизиски мрежи во повеќе од 10 земји, вклучително и Русија, Израел, Индија, Бугарија… На сличен ефект се надеваат и во Таџикистан.

Сезоната во оваа земја започнува во сабота со средбата од националниот Суперкуп во која се среќаваат првакот Истиклол и вицешампионот Куџанда, а во недела започнува првенството. Натпреварите, сепак, ќе се играат без публика, иако во Таџикистан досега не е забележан ниеден случај на зараза со коронавирусот.

„Фала му на Бога, во Таџикистан нема коронавирус и сезоната може да започне,. Верувам дека играњето пред празни трибини не би требало да влијае врз натпреварите“, изјави тренерот на шампионот, Виталиј Левченко.

Таџикистан, каде национален спорт е гуштигири – вид на традиционално борење, никогаш не стаса до завршните турнири на азиското или светското фудбалско првенство. Ниеден клуб од оваа земја никогаш не изборил пласман во натпреварувањата по групи во азиската Лига на шампионите.

Претставник на Таџикистанскиот фудбалски сојуз (ФФТ) изјавил за агенцијата Reuters дека се надева оти популарноста на лигата ќе се зголеми следните седмици, а посакува и понуди за продажба на телевизиските права во странски земји.

Лигата има 10 клубови во кои се пријавени 42 странски играчи. Најмногу од нив, 20 се од Узбекистан, а 10 доаѓаат од Гана.

„Душата ми се стиска. Загрижен сум за моите сонародници, семејството и роднините, бидејќи во мојата татковина има повеќе од 250 сличаи на коронавирусот“, изјавил голманот на Куџанд, Узбекистанецот Мамур Икрамов.