По „Брегзит“ Лондон се откажа од претседавањето со ЕУ, Белгија можна замена

По рефендумот од минатиот месец на кој граѓаните го поддржаа Брегзитот, Велика Британија се откажа од претседавањето со Европската Унија, што требаше да го преземе следната година, пренесе МИА.

Белгија е членката на ЕУ која е подготвена да го преземе ротирачкото претседателство со Европската Унија во второто полугодие од 2017 година, од кое се откажа Велика Британија, пренесоа француските медиуми.

Белгија е подготвена да го преземе тоа претседателство, доколку тоа се побара од нас, за француските медиуми изјави портпаролот на белгиското Министерство за надворешни работи.

Конечната одлука за тоа денеска ќе ја донесат амбасадорите на ЕУ .

Британската премиерка Тереза Меј за оваа одлука синоќа телефонски разговорала со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, пренесоа француските медиуми.

Премиерката Меј одлучи дека Обединетото Кралство треба да се откаже од ротирачкото претседателство со Советот, што требаше да го извршува во втората половина на 2017 година, со објаснување дека земјата за свој приоритет треба да ги постави преговорите за излез од Европската Унија, изјави портпаролката на премиерката во Даунинг Стрит.

Доналд Туск ја поздрави брзата одлука на премиерката за ова прашање, кое на Советот ќе му овозможи на време да ги преземе алтернативните мерки, истакна портпаролката.