По четири години обновена редовната авиолинија Скопје – Прага

Авиокомпанијата „Чех ерлајнс“ денеска ја обнови редовната линија Скопје-Прага, укината пред четири години.

Авиокомпанијата најави дека од 1-ви јули до 9-ти септември годинава ќе реализира чартар летови за „АСА тур“ и за други локални оператори меѓу Скопје и Хераклион на Крит. Таа активност ќе се реализира поврзано со летовите Скопје – Прага.

Првиот лет од Прага беше пречекан ноќеска со традиционален поздрав со воден мост на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, по што во три часот изутрина авионот полета за Прага.

skopje-praga1

Чех ерлајнс“ ќе лета до Прага од Скопје секој понеделник и петок во 3:30 часот наутро. Од 29-ти следниот месец авиокомпанијата ќе  опслужува уште еден термин на таа рута, во среда во 4:10 наутро. Повратните летови ќе се реализираат од Прага секој четврток и недела навечер, во 22:25 по локално време,  со пристигнување во Скопје на полноќ. Од 28 јуни превозникот ќе додаде повратен термин со полетување од Прага во 22:25 часот и во вторник.

Цената на билетите во еден правец од Скопје до Прага почнува од 75 евра,  а на повратните 144 евра, со сите вклучени такси.

Задоволен сум што се оствари нашата намера да се обнови редовната врска меѓу Скопје и Прага, што официјално ја најавивме на почетокот на декември. На патниците им нудиме привлечни денови за летање, што опфаќа утрински полетувања од Скопје и вечерни заминувања од Прага, односно се обезбедува максимална употреба на престојот во Чешка. Ова ќе им одговара и на туристичките и на бизнис, како и на корпоративните патници, изјави Јан Тот, директор за комерција, врски и маркетинг во „Чех ерлајнс“.

Зоран Крстевски, генерален директор на „ТАВ Македонија“, со директната линија до Прага очекува поголема економска и културна размена меѓу Чешка и Македонија, повеќе чешки туристи и зголемување на карго-превозот.

Досега од скопскиот аеродром имаме поврзување со 35 дестинации. Учеството на нискобуџетските компании е околу 60 проценти, од кои најгоемиот дел на „Виз Ер“ со 50 проценти. Сите компании, вклучувајќи ги и редовните и нискобуџетните, имаат пораст во текот на оваа година, изјави Крстевски.

Според податоците на концесионерот „ТАВ Македонија“, во првите четири месеци од годинава преку двата македонски аеродрома во Скопје и во Охрид се превезени 486.968 патници, што е пораст од 28 проценти споредено со истиот период во лани. Бројот на операции (полетувања и слетувања) на двата аеродроми е зголемен за 15 проценти.