По долга и тешка битка со подмолната болеста, македонскиот музичар Ацо Богдановски – Конга почина денеска, објави „Република“.
Ацо Конга подолг период се лекувал од канцер, но јавноста за неговите здравствени проблеми дозна пред три месеци кога неговиот близок пријател Јоце Панов објави на социјалните мрежи апелирајќи да му се помогне финансиски на Богдановски.
Конга остана без десната рака, поради рак на зглобот, но не се откажуваше од борбата, велеше ќе се борам со болеста, надевајќи се дека ќе ја победи.
Музичарот Гаро Тавитјан на неговиот Фејсбук профил напиша дека не може да ја искаже тагата која ја има денеска, притоа потсетувајќи се, што Конга направи за македонската музичка сцена.
„Тој човек го направи првиот џез клуб „Виктор и Викторија” во Македонија. Се собиравме таму сите кои бевме во средното музичко на денско кафе, на вечерните свирки и џем сешни со светските џез имиња кои таму доаѓаа после џез фестивалот.Се оформуваа разни домашни џез состави на истото место.Ацо беше дефинитивно пионер во ширење на квалитетна музика и беше колекционер на илјадници џез и латино албуми.Ацо како човек беше прекрасен, добар другар и голем поддржувач. Не сакаше како свои деца и од срце кажуваше убави работи.Тој е стар пријател на моето семејство можеби повеќе од 30 години.
Ние го наследивме тоа пријателство.Ацо стана ко-основач на најдобрата поп група во Македонија (Нокаут).Редеа заедно и посебно големи успеси.Ни помогна во градот кога бевме многу млади да спознаеме што е култура и секогаш ја пушташе најдобрата музика и тоа по наш мерак и избор кога ќе дојдевме кај него.Тој беше човек со кој се чувствуваш убаво како соговорник.Перкусиите беа неговата љубов и до последен момент ги владееше.Се надевам пријателе дека си на подобро место сега. Почивај во мир,“ напиша Гаро на неговиот профил.