Еден ученик од Велес и еден ученик од Скопје се позитивни на ковид-19, но и двете деца не биле во контакт со многу луѓе, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека ризикот за ширење на вирусот во училиштата е минимален доколку се почитуваат сите пропишани протоколи.
– Протоколите во училиштата се направени според принципите за спречување на ширењето на вирусот и овие бројки коишто досега ги имаме покажуваат дека е мал број на ученици кои се заболени од ковид-19. Според најновите податоци, еден ученик од Велес и еден ученик од Скопје се позитивни на коронавирусот, но вкупниот број на заразени ученици во последната недела е мал. Затоа, апелирам до помладите граѓани да се вакцинираат и на тој начин да си ги вратат своите животи, да се социјализираат и да се дружат – рече Филипче.
Министерот посочи дека бројот на новозаразени луѓе во земјава полека опаѓа.
– Многу е важно да се каже дека се намалуваат бројките на новозаразени пациенти со коронавирусот. Се намалува и бројот на прегледи во болниците. Нема повеќе голем број пациенти во тетовската болница, а сите овие параметри укажуваат на тоа дека ситуацијата спласнува и тоа се добри знаци – истакна Филипче.
За потребата од примање трета доза вакцина против коронавирусот, министерот рече дека препораката е дека треба да поминат шест месеци од втората доза за да можете да се вакцинирате со трета.
Најнапред со анализите и студиите, посочи Филипче, е компанијата „Фајзер“, со која имале состанок и им укажале дека е голема веројатноста, дека тие ќе препорачаат трета, односно бустер доза за сите граѓани, по шест месеци од примената ревакцина.
– Нашиот комитет за имунзација ги чека токму официјалните препораки за и ние тој дел, исто така, го препорачаме. Веќе официјално е препорачана бустер дозата за имунокомпромитираните пациенти, тие кои се на хронична дијализа, меѓутоа треба да помине да помине временски период од шест месеци. Луѓето може да се пријават – изјави Филипче.
Прашан дали пациентите со хронична дијализа треба да се вакцинираат со истата вакцина, Филипче посочи дека единствено, кое што сега укажува на тоа дека е потребна бустер доза и дека не се прави разлика, која е првата вакцина е компанијата „Фајзер“.
– Тоа значи дека таа вакцина може да се користи како бустер доза, без разлика кои се првите две примени вакцини – изјави Филипче.