По изјавите на Макрон и Камерон, Русија се подготвува за сценарио со употреба на тактичко нуклеарно оружје

Руското Министерство за одбрана во понеделникот соопшти дека Русија ќе одржи воена вежба која ќе опфати практикување употреба на тактичко нуклеарно оружје, по провокативните закани од западните политичари.

Вежбата, додава Министерството, ја наредил претседателот Владимир Путин, а со неа ќе се тестира подготвеноста на нестратешките нуклеарни сили за извршување на борбени мисии. Воените маневри, исто така, вклучуваат подготовка и распоредување за употреба на нестратегиско нуклеарно оружје, според Министерството.

Во вежбата учествуваат ракетни формации на Јужниот воен округ и силите на морнарицата. Русија, инаку, го има најголемиот арсенал на нуклеарно оружје.

„За време на вежбата ќе се спроведат голем број мерки со цел да се практикува подготовката и употребата на нестратегиско нуклеарно оружје. Целта на вежбата е да се обезбеди територијален интегритет и суверенитет на Русија како одговор на провокативните изјави и заканите на одредени западни претставници против Руската Федерација“, се додава во соопштението на министерството.

Најавените ракетни вежби се директно поврзани со изјавите на францускиот претседател Емануел Макрон, како и високопозиционирани политичари во Велика Британија и САД за нивните намери да испратат свои војски во Украина, коментираше подоцна портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Всушност, ова е исцрпно наведено во соопштението на Министерството за одбрана… Ако ме прашувате за какви изјави на западните претставници станува збор, очигледно е дека станува збор за изјавата на г-дин Макрон и изјавите на британските функционери. Познато ви е дека ним им се придружи и претставник на американскиот Сенат, ако не се лажам, кој зборуваше за подготвеноста, па дури и намерата да се испрати воен контингент во Украина“, рече Песков одговорајќи има новинарите акредитирани во Кремљ на прашањето со какви закани се поврзани најавените маневри.

Портпаролот на рускиот претседател истакна и дека споменатите политичари всушност сакаат и фактички да ги спротистават војниците на НАТО со руските војски.

„Ова е сосема нова спирала на ескалацијата на тензиите, и е без преседан, и, се разбира, бара посебно внимание и посебни мерки“, додаде Песков зборувајќи за намерите на Западот да испрати воени контингент во Украина.

Генералштабот на руската војска, во име на врховниот командант на вооружените сили, претседателот Владимир Путин, објави претходно во понеделникот дека се подготвуваат воени вежби „со цел да се зголеми подготвеноста на нестратегиските нуклеарни сили за извршување на борбени мисии, започна со подготовки за одржување вежби во блиска иднина, со ракетни формации на Јужниот воен округ со вклучување на авијација, како и поморски сили, извести денеска Министерството за одбрана“.

Заменик претседател на Советот за безбедност, поранешниот руски претседател и премиер Дмитриј Медведев споменатите маневри ги поврза со неодамнешното однесување на западните челници и нивните изјави за нивната намера да испратат војници на територијата на Украина. Тој ги нарече ваквите акции на сојузниците на Киев „тотална деградација на владејачката класа на Запад“.

Минатата седмица европските политичари имаа неколку изјави во врска со украинскиот конфликт кои имаа силен одек, како во Русија, така и на Западот. Така, францускиот претседател Емануел Макрон не ја исклучи можноста за испраќање војници во Украина доколку Русија ја пробие линијата на фронтот, а такво барање ќе дојде од Киев. Веќе следниот ден, украинскиот парламент Врховната Рада усвои одредба која овозможува повикување на странски трпи во земјата.

Лидерот на демократското малцинство во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Хаким Џефрис, исто така, не го исклучи учеството на американските вооружени сили во конфликтот во Украина. Според него, вакво сценарио е веројатно доколку бидат поразени украинските вооружени сили. Политичарот истакна дека Вашингтон „не може да дозволи Украина да падне“.

Покрај тоа, британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон ја призна можноста за украински напади на руска територија со британско оружје.

Кремљ изјавите на западните политичари за можноста за директна интервенција во украинскиот конфликт ги нарече „многу опасен тренд“.

Руската инвазија на Украина го предизвика најтешкото влошување на односите меѓу Русија и Западот од Кубанската ракетна криза во 1962 година.

Русија ја гледа таа војна како битка со Западот, кој, тврди Путин, ги игнорирал обидите на Москва да создаде пријателски односи по распадот на СССР во 1991 година. Наместо тоа, тврди Путин, целта на Западот била да ја преземе контролата врз Украина и истовремено да го прошири НАТО кон исток.

Западот и Украина тврдат дека нема да застанат додека руските сили не бидат поразени и војната не ја гледаат како империјалистичко навлегување на туѓа територија со цел да ја вратат Украина во руската сфера на влијание.