По кавгите во СДСМ, Димитриевски самостојно ќе се кандидира во Куманово

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, ќе се кандидира како независен кандидат за градоначалник на Куманово на престојните локални избори на 17-ти октомври.

Димитриевки денеска ќе ја достави неговата кандидатура до ДИК и ќе започне со собирање на потписи, објави Кумановоњуз од сигурни извори.

„Подршката од граѓаните е мотив повеќе за мене да очекувам кандидатура, како и да е, на крајот изборот го прават граѓаните. Сметам дека започнуваме да го менуваме ликот на Куманово, и заедно со мојот тим планираме тоа да го продолжам и во вториот мандат, и градот да го трансформираме во еден модерен и урбан центар по европски терк“, изјави претходно во средата Димитриевски за Слободен печат.

Кандидатурата на Димитриевски како независен кандидат за градоначалник уследи откако не доби поддршка од СДСМ за уште еден мандат. Иако неговата матична партија сѐ уште калкулира со името за Куманово, извесно е дека Димитриевски не е фаворит.

Димитриевски бараше кандидатура од централата на СДСМ за втор мандат, но таму амбиции има и актуелниот секретар на општинската организација на СДСМ во Куманово, Оливер Илиевски, за кој во партиските кругови се зборува дека ја има поддршката од министерот за внатрешни Оливер Спасовски.

Илиевски на социјалните мрежи наголемо ја промовира својата изборна кампања, а од друга страна се води негативна кампања за актуелниот градоначалник Димитриевски, како просрпски и проруски ориентиран, со тенденција да се прикаже дека е непожелен за гласачите Албанци во Куманово.

На претстојните локални избори Димитриевски ќе настапи и со независна листа на советници, а носителка ќе биде жена.