По конструктивна дебата и бројни прифатени предлози, усвоен пакетот закони за образованието

Собраниската Комисијата за образование, наука и спорт го изгласа во второ читање целиот пакет закони за основно, средно и високо образование. Изгласувањето на законите кои треба да го зголемат квалитетот во високото образование следеше по повеќемесечна дебата, при што беа прифатени околу дваесеттина конструктивни предлози на универзитетите и студентите.

По конструктивната јавна дебата во Собранието, Владата и Министерството за образование и наука по извршената анализа за оправданоста на секој од предлозите во сублимираниот извештај, ја информираше јавноста дека прифатени се неколку предлози.

Прифатен беше предлогот на Универзитетот “Гоце Делчев“ – Штип, кој се однесуваше на можноста за студентите да полагаат една половина од предметите во третата студиска година, независно од тоа дали го положиле или не го положиле првиот дел од државниот испит на крајот од втората студиска година

МОН и Владата го прифатија и предлогот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Државниот универзитет во Тетово, кој се однесува на промена на просекот за упис на високообразовните установи за образование на наставници од областа на спортот, од 4.00 на 3.00.

Прифатен беше предлогот на Универзитетот на Југоисточна Европа за унапредување на административните капацитети на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, преку ангажман на дополнителен стручен кадар кој ќе работи во Одборот со полно работно време;

Понатаму, во однос на студиите од втор циклус, односно постдипломските студии, прифатен беше предлог на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје ќе можат да се акредитираат во траење од една или две години. Исто така, прифатен е и предлогот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Универзитетот “Св. Климент Охридски“ – Битола и Факултетот за општествени науки за студиските програми од областа на националната историја, лингвистика и уметностите, да не важат одредбите од законот во делот на усогласување на нивната содржина со содржината на исти или слични студиски програми на некој од првите 50 рангирани универзтети од соодветните области, согласно Шангајската листа, имајќи ја во предвид нивната национална специфика;

Со новиот предлог закон за измена и дополнување на Законот за високото образование, на предлог на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и Факултетот за општествени науки, ќе се регулира звањето – магистер на уметности. Дополнително, прифатен е и предлогот на Универзитетот на Југоисточна Европа за воведување на јавен регистар на автори на трудови објавени во меѓународни научни списанија кои се дел од базата “Web of science“.

По конструктивната дебата и прифатените предлози, Владата дополнително упати уште еден повик и замолница, до сите субјекти кои имаат интерес и конкретни и аргументирани идеи и предлози за понатамошно унапредување на реформата, до сите универзитети, до целата професорска фела и до сите студенти,  да ги испратат своите предлози за квалитативно надградување и надополнување на текстот и членовите на предложените законски реформи, до Владата или до Министерството за образование и наука во писмена верзија, за да може да бидат соодветно, детално и сеопфатно разгледани и да се увиди можноста за нивно вградување во законските решенија.

-Владата на Република Македонија, како што нагласува е отворена за сугестии и подготвена да ги разгледува и анализира сите аргументирани предлози кои ќе пристигнат, и тоа за секој член од законските решенија, и затоа уште еднаш го упатуваме овој апел до целата академска заедница, потенцираа од Владата.

На предлог на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Владата и МОН прифатија студентите да полагаат една половина од предметите во третата студиска година, независно дали го положиле или не првиот дел од државниот испит на крајот од втората студиска година.

– Ова е во релација со нашите одлуки и заклучоци на Наставно-научниот совет на факултетите, на Ректорската управа и на Сенатот – да не се прекинува наставниот процес со државниот испит. Државата од своја страна, ако така оцени, има право да организира проверка на стекнатото знаење на универзитетите преку државни испити или други форми на проверка на знаењето, смета ректорот на Штипскиот универзитет Саша Митрев.

Според Митрев, овој став за УГД е во целост прифатлив и е многу прецизно уреден во постоечките правилници на Штипскиот универзитет за избор во наставно-научно звање.

– Врз основа на ова, УГД нема никакви пречки да ги поддржи измените во Законот за високо образование, смета Митрев, кој во обраќањето до деканите и до другите членови на академската заедница посочува дека имаат право на сопствен личен став и мислење и немаат никакви задршки или институционални пречки од ректорот, Ректорската управа или Сенатот.

Поддршка за реформите стигна и од охридскиот универзитет „Свети Апостол Павле“. Универзитетот за информатички науки и технологии е задоволен од прифаќањето на предлогот од неговата Ректорска управа, студентите кои не го положиле првиот дел од државниот испит по втората студиска година да може да ги слушаат предметите од третата студиска година.

Во соопштението на Универзитетот, потпишано од ректорот Нинослав Марина, е наведено дека единствена цел на предлогот е да им овозможи на студентите поголема флексибилност за време на студирањето.

-Врз основа на прифатените сугестии дадени од нашиот управувачки и наставно-научен кадар, Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“- Охрид дава целосна поддршка на пакетот реформи за унапредување на квалитетот на високото образование и воопшто на образовниот систем во земјата, кој го предлага Владата на Република Македонија, соопштија Универзитетот.

Дополнително, секојдневно расте бројот на професори кои се приклучуваат кон иницијативата  за реформи во високото образование и поддршка за државниот испит.