По негативните реакции Vogue ќе објави нова насловна страница со Камала Харис

Највлијателното модно списение на светот Vogue ќе објави лимитирано издание на својот најнов број со нова фотографија на новизбраната американска потпретседателка Камала Харис, откако оригиналната насловна страница предизвика многубројни негативни реакции, објави уредништвото на магазинот.

Критичарите веднаш ја нападнаа фотографијата која беше на насловната страница на отпечатениот примерок на изданието за февраури, коментирајќи дека е лошо осмислена, како и дека на тој начин ги намалува достигнувањата на политичарката како прва црна жена избрана на местото потпретседател на САД.

Корисниците на социјалните мрежи го критикуваа и осветлувањето на фотографијата на која Харис е облечена во сако, фармерки и патики, истовремено прашувајќи дали уредничкиот колегиум на магазинот намерно одлу;ил да ѝ ја осветли бојата на кожата.

Се прашуваат, исто така, зошто Vogue за печатеното издание ја избрал токму таа фотографија, а не поформалната која е користена за насловната страница на дигиталното издание на списанието. На неа, пак, Харис позиrа во севтлосин костим на дизајнерот Мајкл Корс пред златна заднина.

„По големиот интерес за дигиталната насловна страница и во согласност со прославата на овој историски момент на инаугурацијата, ќе објавиме лимитиран број на специјалното издание“, соопшти портпаролот на Vogue.

Уредничката Ана Винтур беше присилена да го брани својот избор на оригиналната фотографија која на почетокот од јануари кружеше на интернет страниците.

„Ја сфативме пораката од негативните реакции на насловната страница на печатеното издание“, изјави Винтур, појаснувајќи дека намерата на списанието во ниеден случај не била да го „намали значењето на неверојатната“ победа на Камала Харис на изборите, како и дека оригиналната форографија е избрана поради „пристапноста“.

За дневниот весник The Washington Post, црната модна уредничка и критичарка Робин Гивен напиша дека насловната страница е „премногу едноставна“ и дека со неа на новоизбраната потпретседателка „не ѝ се оддава должната почит“.

Двете фотографии ги снимил американскиот фотограф Тајлер Мичел. Тој во 2018 година стана првиот црн американски фотограф кој некогаш снимал за насловната страница на Vogue, а прва му позираше, црната американска поп-ѕвезда Бијонсе.

Камала Харис не реагираше во јавноста, но извори блиски до неа за америакнските медиуми рекле дека и самата била изненадена од изборот на поопуштената фотографија.