Јавното претпријатие за државни патишта извести дека шефот за контрола на наплатата на патарините во претпријатието, Миланчо Митревски, ќе биде разрешен од функцијата од страна на ЈП „Државни патишта“, откако СДСМ обвини дека тој не плаќал при минување на наплатните пунктови, но и дека бил фатен во други скандали.
„Лицето Миланчо Митревски на 28.07.2024 година е назначен со времено задолжение од три месеци за координатор за контрола во Одделението за наплата на патарини и контрола. Јавното претпријатие за државни патишта ќе го прекине временото задолжение за координатор за контрола и ќе ги преиспита изнесените наводи во јавноста, затоа што Законот треба да важи за сите независно на која позиција или функција се“, се вели во соопштението.
Вчера СДСМ излезе со обвинувања кон Митревски како новоназначен шеф од страна на јавното претпријатие.
„Шефот на контрола во Наплатната служба на патарините во Петровец, Миланчо Митревски, ДПМНЕ и Коце Трајановски го поставија на оваа позиција иако не ги исполнува условите поради тоа што бил фатен со бројни злоупотреби. Митревски наплаќал повеќе пари на патарините, а вишокот пари си ги земал за себе. Но, скандалот е уште поголем затоа што Митревски не плаќа патарини. За ова говорат снимки од патарините кои ни ги доставија свиркачи, како и електронската евиденција на патарините кои целосно потврдуваат дека Митревски кога проаѓа со возилото на патарина не плаќа патарина откако е назначен“, обвини партијата.
На ова реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека обвинувањата на СДСМ се само реакција на фактот што наплатата на патарините била подобрена во јули во споредба со јули лани.