По пет години осуден еврејски доселеник за убиство на палестинско семејство

Израелски суд осуди во понеделникот еврејски доселеник поради убиство на палестинска брачна двојка со дете во јули 2015 година, кога младиот маж фрлил запалива бомба во нивниот дом што предизвика згрозување и меѓународна осуда.

Амирам Бен Улиел, тогаш на дваесетгодишна возраст, фрлил запаллива бомба во домот на палестинско семејство во селото Дума на Западниот брег близу Наблус. Али Давабша, стар 18 месеци, и неговите родители во моментот на избувнувањето на пожарот спиеле во својата соба. Бебето живо изгоре во нападот, додека неговите родители набрзо подоцна им подлегнаа на повредите. Тогаш четиригодишното братче на Али беше тешко повредено, но преживеа.

Екстремниот доселеник сакал да се одмазди поради убиството на Израелец еден месец порано. Утврдено е дека главниот осомничен не бил член на терористичка организација, се истакнува во соопштението на судот во врска со пресудата.

Помошникот на Бен Улиел во овој напад, кој во времето на извршувањето бил малолетен, минатата година постигна договор со обвинителството.

Хусеин Давабша изјавил за новинарите пред судот дека е „задоволен“ од пресудата, но дека таа нема да му ги врати ќерката, зетот и внукот. Сега деветгодишниот Ахмед Давабша, кој го преживеа нападот со големи изгореници, го распрашувал „секоја ноќ“ својот дедо, каде што неговата мајка, татко и брат. „Оваа пресуда не го олеснува мојот одговор за него“, изјавил Хусен Давабша за весникот The Times of Israel.

Додал дека се надева оти оваа пресуда ќе претставува предупредувње, и го повика Израел да им суди на сите помагатели во злосторството.

Адвокатите на Бен Улиел изјавиле дека ќе се жалат на пресудата, а палестинскиот претедател Махмуд Абас претходно нападот уште еднаш го карактеризираше како „злосторство против човештвото“.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во време на злосторството изјави дека е престравен од нападот и го нарече „одмаздољубив и страшен терористички чин во секој поглед“.

Во медиумските извештаи се наведува дека судот во грдот Лод, југоисточно од Тел Авив, подоцна ќе ја објави комплетната пресуда.