По појавата на „птичји грип“ во скопската ЗОО, за четири лица ќе има решение за надзор, а едно лице ќе се тестира

Од 15-те вработени во скопската Зоолошка градина во Скопје, врз кои веќе е завршена епидемиолошката анкета од епидемиолози од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), денеска за четворица од нив ќе бидат издадени решенија за здравствен надзор, а кај едно лице, кое во петокот пројавило симптоми на покачена температура и дијареја, ќе биде извршено тестирање за присуство на птичји грип.

Поради појава на „птичји грип“, Зоолошката градина во Скопје е затворена веќе трет ден, а вкупно нема да работи 21 ден.

Инфлуенца A(H5N1) е еден од неколкуте вируси на грип кој предизвикува високо заразна респираторна болест кај птиците, наречена авијарна инфлуенца (или „птичји грип“). Документирани се и инфекции кај цицачи, вклучително и кај луѓето.

Периодот на инкубација за инфекција со A(H5N1) се проценува дека е до седум дена, иако обично трае два до пет дена по последната позната изложеност на болна или мртва живина. Сепак, периодот на инкубација може да е и до 14 дена.

Инфекцијата со вирусот на грип A(H5N1) може да предизвика низа болести кај луѓето, од благи, до тешки, а во некои случаи може да биде дури и смртоносна.

Иако стручните лица советуваат дека место за паника нема доколку не е остварен близок контакт со заболена птица, се чини дека во јавноста се појавија недоумици.

Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при Институтот за јавно здравје препорача:

-Веднаш побарајте медицинска помош ако имате симптоми слични на грип, како треска, кашлица и тешкотии при дишење или конјунктивитис или други необјаснети симптоми. Информирајте го вашиот лекар за каква било изложеност на болни или мртви животни. Дополнително, преземете заштитни мерки – носете маска и ограничете контакт со други луѓе; покривање на устата и носот при кашлање или кивање, правилно фрлање на марамчињата; редовно проветрување на просторот во кој се наоѓате; избегнувајте да ги допирате очите, носот или устата и редовно мијте ги рацете со сапун и вода, наведоа во препораките.

Директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска вчера изјави дека здравствен надзор согласно протоколите не подразбира карантин и изолација, туку медицинско следење во текот на следните две недели дали вработените кои биле во контакт со птиците ќе пројават каков било симптом кој понатаму би требало да се испитува дали се работи за птичји грип.

-За да се пренесе птичји грип треба да има близок контакт со заболено или мртво животно или да има близок контакт со некој од секретите, измет или слично од овие заболени или мртви животни. Тоа значи дека ризикот е мал доколку посетителите немале близок контакт, потенцира Андоновска, која смета дека надлежните институции имале брза и навремена реакција согласно законските прописи и протоколи.