По посетата на Дедо Мраз во пензионерски дом 26 починати од Covid-19 во Белгија

Дваесет ишест корисници на дом за стари лица во Белгија починале како последици од зараза со коронавирусот откако на почетокот од декември пензионерскиот дом го посетил маж облечен како Дедо Мраз кој не знаел дека е заразен, објавија во четвртокот фламанските власти.

Во пензионерскиот дом во општината Мол во покраината Антверпен, во кој од почетокот на ноември живеат 169 корисници, во моментов на коронавирусот се позитивни 85, а уште 40 се заразени меѓу персоналот, изјавил за AFP вработен во домот кој сакал да остане анонимен.

Првите случаи на коронаинфекцијата се појавиле неколку дена откако пензионерскиот дом на 5-ти декември го посетил маж маскиран како Дедо Мраз, за кој дополнително било утрврдено дека е позитивен на Covid-19.

Марк Ван Ранст, еден од водечките белгиски епидемиолози, на 25-ти декември изјави дека изворот на заразата кај повеќето заразени пензионери е ист.

Меѓутоа, портпаролот на фламанската Агенција за нега и здравје, Јорис Мооненс, вели дека „не е потполно сигурно“ дека изворот на заразата е споменатиот маскиран маж кој домот го посетил за да ги развесели неговите корисници. Агенцијата сѐ уште не добила никаква желба, ниту спровела истрага за случајот.

Портпаролот на агенцијата рекол дека ќе биде именуван „кризен штаб“ кој ќе помогне во управувањето со домот во овој „тежок период“, ќе даде поддршка и помош на персоналот и ќе овозможи подобара комуникација со семејствата на штитениците.

Епидемијата со коронавирусот во Белгија силно ги погоди пензионерските домови. Во нив како последици од Covid-19 смртно настрадале досега 11.066 лица, што е околу 57,03 отсто од вкупниот број смртни исходи од коронавирусот во целата земја.