По повод денот на рударите на петнаесетмина најуспешни рудари денес им беа доделени плакети.
Министерот за економија Дритон Кучи присуствуваше на Централната прослава на Денот на рударите на Македонија, која се одржа во рудникот за олово и цинк „Злетово“, Пробиштип. Упатувајќи најсрдечни честитки за рударскиот празник, Кучи ја истакна важноста од рударскиот како движечки сектор во македонската економија.
Со учество од 1,5% во БДП на земјата, во рударскиот и во придружните сектори што го опслужуваат, работно се ангажирани 13.000 лица, кои придонесоа за раст на производството минатата година од околу 10 отсто. И најновите статистички показатели се позитивни, односно индексот на индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во период од јануари до јуни 2016 година, во однос на период од јануари до јуни 2015 година, бележи пораст од 3.5% отсто, а индексот на бројот на работниците во овој сектор, во истиот период бележи пораст од 1,4 % отсто, рече Кучи.
Тој потсети дека во земјава има повеќе од 150 рудници кои активно работат. Дел од нив се за експлоатација на металични минерални суровини, пред сѐ олово, цинк, бакар, сребро и злато. Сѐ поголем е интересот за експлоатација на украсните камења, а се зголемува и бројот на копови за неметалични минерални суровини. Секако, вредни за споменување се и минералните, термоминералните и термалните води, кои во период на зголемено оранжериско производство и развој на бањскиот туризам, се сѐ поатрактивни за инвестирање.
Рударите претставуваат наш бесценет човечки ресурс и должни сме да им обезбедиме што подобри услови за работа, а со цел да ги наградиме за нивната професионална предаденост и одговорност, и оваа година им доделуваме пригодни плакети, рече Кучи, врачувајќи им „Признанија за најуспешните“ во форма на плакети на 15 најуспешни рудари, номинирани од страна нивните работодавци, според достигнувањата во изминатата година.
Сопственикот на компанијата „Булмак“ Николај Валканов, изрази посебно задоволство што централната прослава на Денот на рударите се одржа токму во Злетово, во време кога овој рудник симболично го одбележува почетокот со работа.
Во текот на почетокот на ова година беше спроведена постапката за доделување на концесија за експлоатација на минерални суровини – руди на олово и цинк за локалитет “Злетово“ општина Пробиштип и општина Кратово, каде што по спрведената постапка на електронско надавање концесијата ја доби компанија“Минстрој“ од Бугарија со цена од околу 72.000.000,00 денари.
На Централната прослава присуствуваа и Премиерот на Република Македонија Емил Димитриев, Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерката за енергетика на Република Бугарија Теменужка Петкова.