По празниците имунизација во шест регионални пунктови

Во државава досега се вакцинирани 53 193 граѓани, а на веб страницата вакцинација.мк се пријавиле 203 047. Процесот на вакцинација се одвива добро, а во тек се и подготовките за масовната вакцинација која треба да започне по велигденските празници во шесте регионални вакцинални пунктови во Куманово, Штип, Битола, Охрид, Тетово и во Кавадарди.

Министерот за здравство Венко Филипче по посетата на салата „Борис Трајковски“ во Скопје каде веќе се врши ревакцинција со „Спутник В“ после три недели од вакцинацијата информираше дека завчера стасала нова количина со уште 20 000 од овие вакцини, а 7000 од нив ќе бидат наменети за ревакцинација на вработените во критичната инфраструктура.

Вчера, како што изјави Филипче, се очекуваше да стигнат и 10 000 вакцини од „Фајзер“ обезбедени преку директен договор, а здравствените валсти веќе го добиле и распоредот за тоа дека секој понеделник ќе стигнуваат меѓу 4000 до 7000 вакцини, односно вкупно 26 000. Треба да пристигне и одредена количина вакцини преку системот на солидарност од ЕУ преку Австрија.

-Сето тоа влегува во нашиот распоред како ќе се распределуваат вакцините. Има неколку пункта во државата, освен во Скопје, каде има фрижидери за вакцината на „Фајзер“ и тие се распределуваат и кон околните центри на тој начин што здравствените домови согласно бројот на закажани граѓани секое утро подигнуваат одредена количина од вакциналните пунктови во Куманово, Штип, Битола, Охрид, Тетово и во Кавадарди и така се прави распоредот и регионално, рече Филипче.

Веќе е завршено опремувањето на салите во Охрид, Штип и во Битола, а останатите три ќе бидат опремени до крајот на неделава, за да ги сместат, како што информира министерот, 200 000 вакцини кои треба да дојдат од Кина.

– Според информациите, тие околу 28 април треба да се подигнат од Пекинг, на 30 април преку Истанбул да стигнат во Белград, а потоа со специјален ланец на камиони да стигнат во Скопје и ќе бидат сместени во ладната соба во Поликлиниката „Јане Сандански“, рече Филипче.

Воедно информираше дека сите граѓани кои се вакцинирани во Србија со кој било тип на вакцина, освен со „Астра Зенека“, ќе можат да се ревакцинираат кај нас. За помладите од 60 години, кои што се вакцинирани со „Астра Зенека“, рече, засега нема препорака да се ревакцинираат, бидејќи се уште нема јасен став, дали евентулано треба да примат друга вакцина или не.

-Така што во таа смисла препораката е да не се прима втората доза на вакцина на „Астра Зенека“. Нашата одлука е да не се вакцинираат граѓани под 60 години со вакцината на „Астра Зенека“, повтори министерот за здравство.

Околу мотивацијата на граѓаните за пријавување за вакцина, Филипче рече дека сега приоритет им даваат на оние граѓани коишто се веќе пријавени и врз основа на тоа се прави и прераспределбата на вакцините, но оти еден од механизмите е повик од матичните лекари.

– Ние во мај очекуваме дополнителна голема количина од 500.000 вакцини на „Синовак“, мислам дека ќе бидат сосема соодветно снабдени сите пунктови за масновна вакцинација. Овие коишто сега доаѓаат на „Фајзер“ се со еден јасен распоред каде треба да бидат дистрибуирани. Се уште, за жал, нема конкретен одговор за втората количина на „Астра Зенека“ преку Ковакс и од руските вакцини, меѓутоа тоа дефинитивно е еден од механизмите, истакна министерот за здравство.

Упати апел до граѓаните да се пријавуваат за имунизација преку сајтот вакцинација.мк, бидејќи, како што рече, тоа е еден од најсоодветните механизми.

Инаку, спортската сала „Билјанини извори“ во Охрид е подготвена за старт со масовната имунизација на населението против Ковид-19. Објектот е целосно оспособен да биде регионален центар за вакцинација на граѓаните од Охрид, Струга, Вевчани, Дебар, Ресен и Кичево. Спроведена е симулација на процесот на имунизација. Монтирани се 14 кабини со 28 пунктови за вакцинација, обезбедена е ладилна комора со генератор за чување на вакцините. Имунизацијата ќе ја спроведува медицински персонал од сите здравствени установи во градот, а 50 медицински сестри, 10 лекари и 24 лица како помошен персонал ќе работат во две смени. Според предвидувањата, регионалниот центар обезбедува услови за имунизација на околу 1500 лица дневно. Моментално вакцинирањето во Охрид се спроведува во Здравствениот дом каде на располагање се два пункта за имунизација.

Подготвена за масовна вакцинација е и спортската сала „Јоран Мијалков“ во Штип каде ќе се одвива имунизација на населението од источниот и југоисточниот регион. Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов информираше дека во салата има 22 пункта за вакцинација, и упати багодарност до приватниот сектор, кој несебично помага во опремување на пунктот. Во Штип сега имунизацијата на населението се врши на пунктот во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“.

Од општата болница во Прилеп, пак, најавија дека подготвуваат план и ќе бараат од Министерството за здравство и кај нив да се отвори пункт за масовна имунизација на граѓаните под 73 години.Вакцинацијата и во овој град се одвива на пункт во Здравствениот дом.

-Во опција се повеќе спортски сали, особено тие кои се во близина на болницата, на Итната помош, на Центарот за јавно здравје, за да може да се излезе во пресрет со медицинскиот кадар, со паркингот. Планот го изготвуваме и ќе го доставиме до Министерството за здравство за да го одобрат. Очекуваме најбрзо да ни го одобрат за да може да се организираме и да почнеме со имунизација на сите граѓани под 73 години веднаш по празниците, информираше директорката на прилепската болница, Кети Смилеска.