По претресот во Академијата за судии и обвинители ОЈО открило можно кривично дело

Во рамките на предмет против врховен судија, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција при анализа на телефонот на осомничениот дојде до сознанија што упатуваат на можно сторување на друго кривично дело, информираат од Јавното обвинителство.

– Како резултат на тоа, предметниот обвинител со цел да ги испита ваквите индиции оформи предмет со кој достави барање до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје за одземање на два мобилни телефони од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видео запис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата. Во текот на вчерашниот ден, припадници на Одделот за крим полиција и Одделот за сузбивање на организиран криминал постапија по Наредбата на судијата и ги обезбедија бараните предмети. За сите дополнителни активности и детали кои нема да влијаат на постапката обвинителството ќе ја информира јавноста навремено, се вели во соопштението од Обвинителството.

Како што неофицијално објавија некои медиуми, истражителите дошле до сознанија дека ова вработено лице е поврзано со уапсениот врховен судија Наќе Георгиев, кој е во притвор за земање мито за влијание врз судии за да помогне во постапка за обвинет.

Наводно, истражителите делуваче и по анонимни пријави за земање мито за упис на кандидати за слушатели за судии и обвинители.

Врховниот судија Наќе Георгиев три месеци е во притвор под обвинение за поткуп во случајот на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев.