Здравствените власти во Италија соопштија денеска дека славењето ширум земјата по повод триумфот на фудбалската репрезентација на неодамнешното ЕУРО2020 влијаело на пораст на бројот заразени со коронавирус.
Европската титула се славеше низ цела Италија, а централната прослава се одржа на 12 јули во Рим каде десетици илјади луѓе ги поздравија фудбалерите, кои се возеа во отворен автобус.
Епидемиолозите предупредија на раст на бројот новозаразени во изминатите три денови во областа Лацио, а особено во саботата.
Советникот на италијанската Влада околу епидемиолошките мерки Марко Локатели посочи дека „јавните собирања помогнале вирусот да циркулира“.
Тој во изјава за римскиот весник „Република“ наведе дека просечната старост на заразените со Ковод-19 во Италија сега изнесува 28 години. (МИА)