Министерството за култура интензивно работи на решение кое набргу ќе го сподели со сите засегнати. Впрочем, тоа им го вети и министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска на неколкуте средби.
„Веруваме дека на филхармоничарите набргу, кога ќе го слушнат решението, ќе им биде јасно дека со одлуката за привремено останување на џез-музичарите во Филхармонијата до правното регулирање на нивната НУ, никој немал никаква заднинска намера.
Нема логика Министерството за култура, под чија надлежност се сите национални установи, значи и Филхармонијата и новоформираниот Џез-оркестар, да работи на штета на која било од нив“, стои во соопштението на Министерството за култура.
Денеска, Македонската филхармонија одржа протест пред Министерството за култура по повод одлуката новоформираната национална институција Џез оркестар на Р.С. Македонија привремено да биде сместена во објектот на НУ „Филхармонија“.