По речиси два месеци од 2023-та се роди првото бебе во Пехчево

Градоначалникот на Општина Пехчево, Александар Китански, денес го посети првото новородено бебе во 2023 година во Пехчево, кое е момче и донесе среќа и бериќет во семејството Абдулови од село Црник, Пехчево.

Тој и претставници од локалната самоуправа, денес официјално и честитаа на мајката Шарбина Абдулова.

Среќната мајка ги прими честитките, а градоначалникот лично и ја додели наградата за првороденото дете во општината, пакет производи за бебиња и парична сума во висина од 6.000 денари, за секое првородено дете во општината и 5.000 денари за новородено дете.

„Сакам да ви го честитам новороденото бебе, и посакувам на малиот Ајас да биде здрав, жив, весел, радоста да го следи во текот на целиот живот, а успесите и достигнувањата да не го одминат – истакна градоначалникот Александар Китански.