Патролен брод на канадската воена морнарица вплови во Хавана во петокот, неколку часа откако Соединетите држави објавија дека нивна воена подморница се вкотвила во американската поморска база во заливот Гвантанамо на Куба, островот каде што групација руски воени бродови следена од борбена подморница пристигнаа претходно оваа седмицаа.
Пристигнувањето на руски, канадски и американски бродови во Куба, островска држава под комунистичка власт на само 145 километри јужно од американската сојузна држава Флорида, потсети на тензиите од старата Студена војна и заладените односи меѓу Русија и западните земји поради војната во Украина. Впловувањето на руските воени бродови се толкува како предупредување од страна на Москва на потезите на САД за опремување на Киев со ракети со долг дострел и давање дозвола тие да се користат за напади длабоко на територијата на Русија.
Сепак, и САД и Куба рекоа дека руските воени бродови не претставуваат никаква закана за регионот. Русија го опиша пристигнувањето на нејзините бродови на својот сојузник Куба како рутина.
Фрегатата „Адмирал Горшков“ и нуклеарната подморница „Казан“ влегоа во средата во пристаништето Хавана, откако во Атлантскиот Океан извршија вежби со „високопрецизно ракетно оружје“, соопшти руското Министерство за одбрана.
Канадскиот патролен брод „Margaret Brooke“ започна со впловување во пристаништето Хавана во петокот, во она што Канада го нарече „посета на пристаниште како признание за долгогодишните билатерални односи меѓу Канада и Куба“.
Соединетите држави соопштија неколку часа претходно дека јуришната подморница „Helena“ пристигнала во рутинска посета на пристаништето Гвантанамо, американска поморска база на работ на островот на околу 850 километри југоисточно од Хавана.
Кубанското Министерство за надворешни работи соопшти дека претходно било информирано од Вашингтон за пристигнувањето на американската подморница, но не е среќно поради тоа, сметајќи дека ѝ припаѓа на „земја чија официјална и практична политика е непријателска кон Куба“.
„По правило, поморските посети на една земја се резултат на покана, а тоа не беше овој случај“, рече заменик шефот на дипломатијата Карлос Фернандез де Косио.
Канадски дипломат рече дека доаѓањето на патролниот воен брод „нема никаква врска со присуството на руски бродови“.
Русија и Куба беа блиски сојузници за време на Советскиот сојуз, а тензиите со Вашингтон околу комунизмот во неговиот „двор“ кулминираа со кубанската ракетна криза во 1962 година, кога Москва испрати балистички проектили на карибскиот остров како одговор на распоредувањето на нуклеарни проектили на САД во Турција.
По распадот на СССР, Русија и Куба продолжија со одржувањето на тесните односи. Се очекува руските бродови да останат во пристаништето во Хавана до понеделник.