![1](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/04/11.jpg?resize=675%2C310&ssl=1)
По инвестицијата на „Сардич МЦ“ во рудникот за бакар кај Казандол, неколку украински компании, не само од металургискиот сектор, туку и од земјоделството и градежништвото, почнаа да ги скенираат бизнис можностите во Македонија.
Како што рече заменик претседателот на „Сардич МЦ“ Генадиј Сичов во разговор за МИА, компанијата со задоволство им го пренесува своето искуство на други фирми од Украина кои се интересираат за Македонија, од воспоставувањето на контактите до целосната реализација на проектот.
Според него, Казандол е само пилот проект преку кој компанијата гледа одлична перспектива во земјава.
– Нашиот влез во Македонија веќе е сигнал за други украински компании од аспект на поволностите што се нудат. Евидентно е дека тие станаа поактивни, се заинтересираа за македонските инвестициски можности не само во металургијата, туку и во други сфери. Ние им ги пренесуваме нашите искуства, им кажуваме дека строго ги следиме законските чекори особено во делот на екологијата, истакна Сичов.
„Сардич МЦ“, подвлече, за само една година може да каже дека имала одличен старт во Македонија, а за уште една, веќе ќе зборува и дека има добро, позитивно искуство.
– Македонија ја одбравме откако претходно разгледавме многу различни локации, во Европа, Јужна Америка и Африка. Клучни беа неколку моменти: бизнис условите во Македонија, блискоста меѓу нашите два народа, сличната култура, јазикот и обичаите, нагласи Сичов.
„Сардич МЦ“ воедно имала и максимална поддршка од македонските институции поради што за многу кратко време, во предвидените рокови, ги завршила сите неопходни процедури за старт на инвестицијата.
– Дополнителни причини што изборот паднал на Македонија, се и самото наоѓалиште, но и квалитетот на бакарот кои се покажале посебно интересни. Дозволуваат да се користи еколошка технологија за експлоатација која загадувањето на средината го сведува на минимум, додаде директорот во „Сардич МЦ“ Бошко Сибиновски.
Со отворањето на фабриката, рече, „Сардич МЦ“ ќе им даде импулс на другите компании да размислуваат поинаку, дека може да се најде поеколошки, почист, поефикасен и поекономски начин на производство.
– Наоѓалиштето во Казандол, со преку 70 отсто оксидна руда, фактички овозможува користење метода за максимално извлекување на бакарот без дополнителна преработка, создавање дим, јаловишта, топење, едноставно со извлекување, најпрво преку добивање бакар сулфат (син камен) како прв, пред-чекор за добивање катоден бакар, објасни Сибиновски, напоменувајќи дека не само методата, туку и суровината, оксидната руда, дозволува минимизирање на сите можни загадувања на средината.
Сибиновски посебно го потенцираше фактот дека на Балканот нов рудник не е отворен последните 35 години.
„Сардич МЦ“ која претставува англиско-украински капитал, до крајот на годинава треба да ги изгради копот и фабриката, а добивањето руда се очекува да почне во јуни/јули 2016-та. Финалниот производ ќе биде 99 отсто чист катоден бакар.
Договорот за експлоатација во Казандол беше потпишан на 27 февруари годинава во Министерството за економија кога менаџерскиот тим најави и отворање 250 работни места, главно на луѓе од регионот на Валандово, Богданци и Дојран. Планираниот капацитет на производство е повеќе од 4.000 тони бакар годишно во период од 12 до 15 години. Вложувањето се реализира етапно. Во првата фаза е 25 милиони евра од кои пет милиони се веќе потрошени за истражувања и подготвителни активности.
„Сардич МЦ“ ќе промовира нов начин на вадење руда, со напредна, современа технологија, што овозможува максимална заштита на животната средина. Циклусот на производство е затворен, целиот процес е во круг, без какви било истекувања (загадувања). – И од интерес на компанијата е да не излезе грам течност или прашинка надвор од комплексот зашто на тој начин се губи бакарот, она што практично треба да го добиеме. Практично, ќе го искористиме и најмалиот процент бакар, подвлече Сибиновски.
„Сардич МЦ“ најавува инвестиција во уште една фабрика, проект кој, како што рече Сичов, ќе биде 10 пати поголем од сегашниот.