По шест месеци пауза Ѓоковиќ се враќа на тениските терени

Еден од најдобрите тенисери во историјата, триесетгодишниот Србин Новак Ѓоковиќ, по шест месеци пауза поради повреда на лактот, во петок на 29-ти декември ќе се врати на тениските терени, и тоа на егзибицискиот турнир во Абу Даби, објавија во понеделникот организаторите на турнирот.

Ѓоковиќ во првото коло е слободен, а во полуфиналето ќе игра против победникот од дуелот меѓу Шпанецот Роберто Баутиста Агут и Русинот Андреј Рубљев. Во второто полуфинале Австриецот Доминик Тием го очекува подобриот од мечот меѓу Шпанецот Пабло Карено Буста и Јужноафрикенецот Кевин Андерсон.

Откако во 2016 година освои два Грем слем турнира, Австралија Опен и Ролан Гарос, и со тоа дојде до бројката од 12 Грем слем титули, оваа година не беше најсреќна за српскиот тенисер. На почетокот од 2017 година Ѓоковиќ загуби во второто коло на Австралија Опен од Денис Истомин, кој тогаш беше дури 117-ти играч на светот.

Во април ја раскина соработката со долгогодишниот тренер Мариан Вајда, а на неговото место дојде легендарниот американски тенисер Андре Агаси, додека во ноември неговиот тренерски штаб го дополни чешкиот тенисер Радек Штепанек.

На Ролан Гарос годинава Ѓоковиќ загуби во четвртфиналето од Доминик Тием, а потоа и во четвртфиналето на Вимблдон кога поради болки ги предаде мечот со Томаш Бердих. Набрзо потоа, на 26-ти јули, објави дека повеќе нема да настапува до крајот на сезоната за да закрепне од повредата на лактот.

Новак Ѓоковиќ 223 седмици мина како прв тенисер на светот, а моментално е на 12-та позиција на АТП листата.

На егзибицијата во Абу Даби ќе настапи и Грем слем рекордерката, Американката Серена Вилијамс, којашто пред четири месеци роди ќеркичка. Серена Вилијамс не настапуваше од годинешниот Австралија Опен, каде што ја освои својата 23-та поединечна Грем слем титула, а во Абу Даби на 30-ти декември ќе игра против победничката на Ролан Гарос, Латвијката Елена Остапенко.