„Денеска присуствувам на вештачкиот мрест на охридската пастрмка. Оваа активност се спроведува по шест години застој“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Охрид, во изјава за медиуми.
„Мнатата година се склучија договори со Хидробиолошкиот завод од Охрид и со Институтот за сточарство и рибарство од Скопје, за изведување вештачки мрест и порибување. Денешната активност е со цел излов на матици и собирање на икра при што двете институции согласно обврските од договорот, треба да соберат 1.050.000 зрна икра од кои ќе се одгледува подмладок за порибување”, додаде министерот и рече дека оваа активност е многу значајна за зачувување на охридската пастрмка, како едно од нашите национални богатства и за екосистемот на езерото.