По стапките на СДСМ, и ДУИ го партизира вносниот бизнис со возачки испити?!

Откако минатата седмица јавноста беше скандализирана со двата случаи во кои вносните бизниси со испитите за возачки дозволи во Скопје и во Струмица ги добиле неодамна основани фирми блиски на владејалката СДСМ, се чини дека и помалиот коалиционен партнер во Владата – ДУИ се решил на ваков чекор.

Бизнисот со возачките испити во Тетово го води фирма за која тетовскиот суд издал времена мерка за забрана на дејност, стои во документите до кои дојде Алфа телевизија. Истиот извор посочува дека од друга страна пак битката кој ќе го води бизнисот со испитен центри во овој град неофицијално бил причина и за големи внатрепартиски препукувања во ДУИ, пренесува телевизија Алфа.

„Њу Драјвер“ од Тетово е фирмата која и покрај забраната од судот, во април годинава од МВР добила лиценца за спроведување возачки испити во Тетово.

Таа фирма заедно со уште две други се пријавила на конкурсот на МВР, објавен на 29 декември лани за доделување на лиценца за испитни центри во Тетово, Куманово, Охрид и Штип. Комисијата на МВР лиценцата ја доделиле на „Њу Драјвер“, а од игра биле исфрлени Дона Стар и Авто Мото Стар.

„Дона Стар“ поднеле тужба против „Њу Драјвер“, обвинувајќи ги дека придонеле за неправила конкуренција со што Судот ја прифатил оваа тужба и донел времена забрана. Но и покрај тоа, лиценцата сепакм ја добиле „Њу Драјвер“ во април годинава.

Чаршијата во Тетово наголемо говори дека зад бизнисот со испитниот центар се вмешани двајца високи партиски функционери од ДУИ, едниот актуелен пратеник а вториот висок владин функционер.

Добиената лиценца предизвикала и раскол во ДУИ, па дури и сериозни закани за заминување од партијата. Овие шпекулации Алфа не ги потврди, па затоа имињата на функционерите кои наводно биле поврзани со добивање на лиценцата нема да ги објавиме, објавува Алфа